Прогласена епидемија на морбили во Дебар

 

Здравствените власти во Дебар прогласија епидемија на морбили, бидејќи досега се регистрирани дваесет заболени од мали сипаници, објави РСЕ.

Првото заразено лице неколку дена пред заболувањето престојувало во Албанија.

Бројот на заболени од ден на ден се зголемува, и покрај тоа што институциите ги преземаа сите потребни мерки.

Епидемиологот Ментор Мела од единицата на Заводот за јавно здравје во Дебар за РСЕ, вели дека покрај другото се вршат и контроли на вакцинираните лица во одредени периоди.

„Во Дебар прогласивме епидемија на мали сипаници - морбили, поради тоа што бројот се зголемува. Во овој момент имаме регистрирани 20 болни од ова заразно заболување. Сите заразени кои се евидентирани, поради тоа што ние во Дебар немаме инфектолог ниту инфективен оддел, болните ги пренесуваме на лекување во инфективното одделение во Охрид“, вели епидемиологот Мела.

„Седумнаесет од заразените лица веќе се пуштени дома, додека тројца се уште се на лекување“, вели тој.

„Оваа година за прв пат има и појава на опасни заболувања кои ги немаше на овие простори повеќе од половина век. Станува збор за заразното заболување Хеморагична треска, која се појави кај четворица овчари. Тие беа испратени на лекување во инфективната клиника во Скопје и беа излекувани“, вели Мела.

Единицата за јавно здравје во Дебар, која е дел од Заводот за јавно здравје од Охрид, повеќе пати апелираше населението во моменти на епидемија на морбили да избегнува присуство на масовни собири, со цел да се делува превентивно во намалувањето на бројот на заболените од морбили.

 

 

 

 

26.07.2018 - 18:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега