Утре седница за распишување на референдумот

 

Собранието на Република Македонија се очекува утре да има седница за распишување на најавениот есенски референдум за името. Оваа седница засега официјално не е најавена на собраниската веб страница, иако 30 јули се посочуваше како еден од крајните датуми за негово распишување.

Нема официјална информација ниту за тоа дали владејачките партии и опозицијата ги имаат усогласено ставовите околу референдумското прашање за кое имаа најголеми разлики.

 

Според Законот, референдум на државно ниво распишува Собранието на РМ и тоа по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150 илјади граѓани. Предлогот за распишување референдум на државно ниво со образложение се поднесува до претседателот на Собранието на РМ , кој е должен во рок од 30 дена од поднесувњето на предлогот да донесе одлука за распишување на референдум. Одлуката потоа се објавува во Службен весник и други средства за јавно информирање. Од денот на објавувањето до одржувањето на референдумот не можат да поминат помалку од 60, ниту повеќе од 90 дена.

 

Со формирањето на Државната изборна комисија (ДИК) минатата недела, чии членови утре во Собранието ќе дадат свечени изјави, се создадоа и формални услови за организирање на референдумот. 

Во неколку официјални изјави премиерот Зоран Заев рече дека до 30 јули референдумот треба да биде распишан за тој да се одржи најверојатно на 30 септември. 

Референдумот, како што изјави Заев, ќе биде организиран и без опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случај со нив да не се постигне договор. 

Од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во однос на референдумското прашање и карактерот на референдумот посочија дека во моментот нема никакво поместување и оти ставот на партијата веќе неколку пати го соопштиле. 

- Нашиот став во однос на прашањето веќе неколку пати го кажавме. Тој е јасен и според законските норми и европските начела во моментов како што знаете од таму каде што застана на лидерската средба нема никакво помрднување, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали постојат консултации помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и власта околу референдумското прашање и за карактерот на референдумот. 

Немаше одговор ниту дали пратениците на опозициската партија ќе учествуваат на седницата за распишување на референдумот најавена за понеделник, ниту пак која ќе биде улогата на ВМРО-ДПМНЕ на референдумот. 

 

 

 

29.07.2018 - 11:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега