Села: Прашањето на референдумот не треба да го опфати Договорот, туку името на државата
Јас сум еден од пратениците кој овој процес го плати со крв, знаете многу добро, дадов придонес да се сруши еден режим, кажа лидерот на Алијансата на Албанците, пратеникот Зијадин Села, на денешната собраниска седница за распишување на референдумот, алудирајќи на тоа што беше нападнат минатата година на 27. април во Собранието.
Тој додаде дека Алијансата на Албанците ќе биде воздржана на денешното гласање.
Тој го повтори ставоти на Алијансата дека во патните исправи кај граѓаните од албанската етничка заедница треба да стои Албанци/граѓани на Република Македонија.
По однос на референдумското прашање тој рече дека треба да се однесува на промена на името, а да не го опфаќа договорот со Грција.
-За да бидеме коректни го предложивме тоа. Не е наше да одлучиме за идентитетот и јазикот на нашите сограѓани, затоа прашањето не треба да опфати договор, туку името на државата. Може да одлучиме за името сите заедно. Посакувам и верувам дека ова не треба и дека нема да биде меѓусебно обвинување меѓу политички субјекти дека една заедница влијаеше да се измени идентитетот на друга заедница – рече Села.
Консултативниот референдум беше распишан со 38 гласа „за“ и ќе се одржи на 30. септември оваа година.
Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа