Заев на средба со членовите на ДИК: должни сме сите професионално да си ја завршиме работата за референдумот
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со претседателот на ДИК, Оливер Дерковски и членовите на Државната изборна комисија.
На средбата е заеднички нагласена важноста од професионално и транспарентно работење на Државната изборна комисија пред и на денот на престојниот референдум, со цел доверба на сите граѓани и политички субјекти во процесот.
На состанокот се разговараше за потребните услови за реализација на процедурите за спроведување на референдумот, како и за овозможувањето непречено извршување на законските обврски на ДИК поврзани со референдумот.
-Референдумот е обврска од важен државен карактер. Сите институции се должни да соработуваат со Државната изборна комисија. И Владата стои на располагање, на принципиелно ниво, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на ДИК и тоа ќе го направиме, рече премиерот Заев.
Претседателот на ДИК, Дерковски и членовите на ДИК посочија дека работат професионално, штедливо и домаќински и дека ќе продолжат во таа насока, за достоинствено да одговорат на законските обврски пред граѓаните.
-Верувам дека секој ја знае својата професионална и човечка одговорност за овој важен процес, должни сме сите професионално да си ја завршиме работата, рече премиерот Заев.
На средбата на премиерот Заев со членовите на ДИК се разговараше и за медиумската кампања поврзана со референдумот, за потребата од почитување на законските одредби поврзани со кампањата за референдумот од страна на сите чинители, како и за финансиските средства што му се потребни на Собранието за спроведување на медиумската кампања.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа