Златко Димчовски: Лично ќе ги предложам Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир

Златко Димчовски, еден од најврвните македонски научници, кој повеќе од 50 години е дел од врвната европска научна јавност, вели дека Македонија треба да го поддржи Референдумот затоа што тоа е отворена врата кон Европа, место каде Македонија неминовно припаѓа. Димчовски во интервју за Прес 24, вели дека тој лично како научник од ЦЕРН, првата и најмоќна научна институција во Европа ќе ги предложи премиерите Заев и Ципрас за нобелова награда за мир.

- После влегувањето на Македонија во Европа, откако нема да има внатрешни граници ќе нема ни полициска ни царинска контрола,  од крајниот север, (од скандинавските земји) па до Солун ( што е скоро четири  пати подолго  “ од Триглав до Солун”, а моите врсници се сеќаваат што спречи нашиот славен Михајло Апостолски)) ! Кој е тој ентитет кој ќе може да спречи формално обединување, во рамките на Европа, меѓу Северна, Пиринска и Егејска Македонија ако тоа Македонците го бараат?, вели Димчовски во интервјуто за Прес 24.

Научникот од Македонија, чиј тим научници го откри интернетот, а беше и личен пријател со поранешниот генерален секретар на ООН, Кофи Анан, вели дека Македонија со договорот од Преспа ќе ја отвори својата иднина.

- Јас сум среќен и поносен што успеав во 2009 да ја внесам Македонија во ЦЕРН и покрај јакиот грчки отпор! Но, од тогаш од македонската страна не се одржаа ветувањата за разлика од ЦЕРН кој прима и студенти и техничари и докторанти од Македонија и е отворен за понуди  од страна на наши претпријатија за Церн-ови тендери. Од голема важност ќе биде да се активира НАНТ, Националната Агенција за Нуклеарни Технологии на Македонија, која претходната влада ја отвори на мое долго и упорно инсистирање, но не направи ништо од предвидената програма! Таа програма  со повеќе прифатени проекти (а првиот е активрањето на рудникот Алшар, познат уште од времето на Александар Македонски (но, сега како можен WorldWide Neutrino Lab) ќе има огромни ефекти за Македонија, а посебно со вклучување на млад кадар кој треба да се оформи  и да работи во Македонија, а не како досега да се иселува!, вели Димчовски за Прес 24.

Во неговата богата научна кариера бил и професор по нуклеарна физика, вештачка интелигенција, биомедицина и атомска физика на повеќе еминентни универзитети во Париз, Женева, Њујорк, Виена, Лозана, Гренобл. Тој е исклучително ведар, позитивен човек, со одлична смисла за хумор и расположен за разговор, кој е редок пример на луѓе кој одлучиле да и помогнат на Македонија и со свои инвестиции.

 

ПРЕС24: Македонија се наоѓа пред избор, можеби пред најзначајниот момент во нејзината понова историја. Јавноста е поделена, политичките партии, интелектуалците исто така. Дали овој Референдум ќе ја одреди иднината на Македонија?

ДИМЧОВСКИ: Најискрено посакувам да овој референдум биде позитивен и со тоа  ја отвори иднината на Македонија, а која досега беше блокирана!

ПРЕС24:  Вие сте долги години, можеби повеќе од 50 години дел од најголемата научна институција во Европа, зошто сте ЗА овој Референдум?

ДИМЧОВСКИ: Пред се бидејќи не само што живеам во Европа па ја познавам темелно, но исто така ја познавам и Македонија каде сум роден и поминав, со неколку прекини, дваесетина години во татковината! Но има и безброј објективни прицини! Пред се не само што сме географски во Европа, туку Европа е колевката на светот во секој релевантен поглед, а нашата земја е нејзин соучесник од памтивек!

 Тоа што Кирил е Методиј го направија за  Европа, но и на целото Словенство (кога во некои земји тогаш имаше се уште канибализам..!) е универзално признаено од сите! После мрачните средни векови, тргајќи од ренесансата во природните науки, културата и уметностите, па се до првата индустриска револуција, а посебно фундаменталните откритија во атомската и нуклеарната физика од крајот на XIX век, но и ИНТЕРНЕТОТ...се , апсолиутно се, се случи исклучиво во Европа! САД не постоеше , Русија беше во феудализам...! А и денеска европските универзитети се меѓу првите во едукацијата и истражувањата (фундаментални, но и применети) во светот!

Но сега сме во XXI век каде геополитичката состојба е крајно загрижувачка за иднината на планетата! Глобализмот на планетарно ниво беше наговестен уште од Маркс, но за жал поради најголемиот фалсификат во човештвото што го направи Сталин и неговата марионетка “марксистот” Зиновјев) ретко кој е свесен дека Маркс го внесе поимот глобализам, изворно “интернационализам”!!

(Нај фрапантниот пример за фалсификатот е дека Маркс никаде не напишал “диктатура” туку “Диктат” на пролетаријатот, а тоа се фундаментално различни поими!  Прочитајте ја книгата за Маркс на мојот пријател Жак Атали!)

Според мене, сегашните лидери на САД, Русија и Кина нема да станат позитивна референца за идните генерации! Јас бев во Берлин кога за неколку дена практично со голи раце (и понекој чекан и копач и редок булдожер) луѓето го срушија ѕидот, а сега Трамп проектира ѕид со Мексико! Пред триесетина години со колеги физичари (меѓу кои и неколку Нобеловци) со многу НГО направивме притисок преку ООН за денуклеаризација на планетата и намалување на нуклеарните “глави”. Тогаш СССР го повлече нуклеарниот штит на Варшавскиот пакт од Украина и малку подоцна се распадна. Но, 27 годишната  Руска Федерација – Русија со Путин  “заборави” дека Украина е независна, па окупира и анексира делови од Украина!  А подржувајќи го срамниот режим во Сирија, му овозможува истиот да избрка нови милионски бегалци  со веќе најавени бомбардирања на провинцијата ИДЛИП, отако тоа се случи со Алеп! Јас сум непоправлив оптимист, па се надевам дека барем тука разумот ќе превлада...!

Европа во ваков крајно катастрофален геополитички контекст, за нејзе, а и за планетата, се спротивставува на демократски начин и на САД и на Русија. Но и на сите  национал-популисти во Европа! Гледате каков шамар доби премиерот на Унгарија, па и неговиот италијански колега со нивната срамна нечовечност кон бегалците?

ПРЕС24:  Вашиот работен век сте го посветиле на науката во ЦЕРН?

ДИМЧОВСКИ: ЦЕРН ми беше сон кога бев гимназијалец во Скопје. Тоа е првата, хронолошки, европска институција од 1955 година откако најголемите непријатели во Европа, Германија и Франција, благодарејќи на Де Голд и Аденауер решија да ја обединат срушената од Хитлер Европа. Тогаш, па и денес нуклеарните технологии се на прво место, а што се гледа и од одлуките што нуклеарните земји (посебно САД и Русија) ги диктираат  и на ООН!

Од 1955 во ЦЕРН се вратија сите врвни физичари кои пребегнаа во САД поради Хитлер и го овозможија проектот “Менхетан”  во Ново Мексико кој со нуклеарните бомби над Јапонија ја оконча Втората Светска Војна! За жал најпознатите, Еинстеин и Ферми , починаа неколку месеци пред отворањето на ЦЕРН, но повеќе десетици нивни ученици дојдоа во ЦЕРН.

Денеска ЦЕРН е пример за извонредно успешна европска организација (за детали погледнете на cern.ch) и јас сум среќен и поносен што успеав во 2009 да ја внесам Македонија во ЦЕРН и покрај јакиот грчки отпор! Но, од тогаш од македонската страна не се одржаа ветувањата за разлика од ЦЕРН кој прима и студенти и техничари и докторанти од Македонија и е отворен за понуди  од страна на наши претпријатија за Церн-ови тендери.

 Од голема важност ќе биде да се активира НАНТ, Националната Агенција за Нуклеарни Технологии на Македонија, која претходната влада ја отвори на мое долго и упорно инсистирање, но не направи ништо од предвидената програма! Таа програма  со повеќе прифатени проекти (а првиот е активрањето на рудникот Алшар, познат уште од времето на Александар Македонски (но, сега како можен WorldWide Neutrino Lab) ќе има огромни ефекти за Македонија, а посебно со вклучување на млад кадар кој треба да се оформи  и да работи во Македонија, а не како досега да се иселува!

ПРЕС24:   Но последните години сте и еден од ретките кои самоиницијативно одлучил да вложува и во Македонија.

ДИМЧОВСКИ: Моите предци се од повеќе делови на Македонија, дел од фамилијата ми е од Преспа , а поголемиот  од Крива Паланка. Јас сум внук на славниот Поп Аритон, од таткова страна и на исто почитуваниот, од мајчина страна, Христо Арсов, кој живееше во Солун при крајот на XIX век, беше активен во историското ВМРО, па потоа малтретиран поради тоа кога се вратил во Македонија). А еве што се уште сакам да направам после скоро 15 години грдни маки!

Преспанското езеро отечува во Охридското кое е поради тоа често преплавено. Пред 15 тина години имав активна компанија која јас ја основав во Швајцарија која понуди (детали можеби другпат) трајно да се регулира истекот, а со тоа Преспа да не стане потенцијална бара за наредни неколку децении, а Охрид да не претрпува поплави.  Се променија неколку влади, четири пати градоначалници, сите покажаа “одушевеност” за овој мој проект, но ништо конкретно, па дури ни за пристапот до езерото за бродови. Јас донесов бродови кои со грдни маки, (пошто требаше повеќе неделен вонгабаритен превоз) ги донесов од Швајцарија. Еден е директно од Женевското езеро (Star of Geneva за 65 патници) но ниеден градоначалник на Ресен ниту министер до денешен ден не реагираше ефективно, па дури  ниту  со малку добра волја. Барем за пристапот до езерото!

ПРЕС24:   Сакам да Ве прашам што е вистински патриотизам во овој случај во кој се наоѓа Македонија. Да се биде против референдумот и договорот со Грција, или пак да се биде ЗА?

ДИМЧОВСКИ: Толку многу луѓе во Македонија, па и врвни преставници од Европа и од НАТО и од САД, а и од толку земји објаснија дека иднината на Македонија е да се гласа ЗА на овој референдум, иако текстот не е баш најсреќно избран и иако како во секој компромис мора некоја “кнедла” да се проголта. Така да немам што да додадам освен тоа дека вистинскиот патриотизам не е тој со кој се фалат многумина денес во Македонија!

ПРЕС24:  Што ќе добие, а што ќе изгуби Македонија со прифаќање на договорот со Грција?

ДИМЧОВСКИ: Македонија ќе добие отворена врата за НАТО и ЕУ. А тие што се уште се скептични нека се потсетат што се случи, на пример  со Западна и Источна Германија после падот на Берлинскиот зид каде пред тоа беа убиени голем број бегалци! Па и самата Ангела Меркел (патем моја драга колешка физичар) е жив пример за тоа што се случи бидејќи беше сурово репресирана од Штаси додека живееше во Источна Германија, а сега не само што е канцеларка на Германија, таа стана голема Европјанка (па дури ја нарекоа “самаританка” поради прекрасниот однос со бегалците кои Германија ги прими кај себе).

После влегувањето на Македонија во Европа, од како нема да има граници ќе нема ни полициска ни царинска контрола,  од крајниот север, (од скандинавските земји) па до Солун ( што е скоро четири  пати подолго  “ од Триглав до Солун”, а моите врсници се сеќаваат што спречи нашиот славен Михајло Апостолски)) ! Кој е тој ентитет кој ќе може да спречи формално обединување, во рамките на Европа, меѓу Северна, Пиринска и Егејска Македонија ako Македонците тоа го сакаат??? Еве ќе земам авторско право на името  “Регион Македонија” ( се шалам!) а  Региони има насекаде во денешна Европа (на пример “Region Rhone Alpes- Leman” мегју Франција и Швајцарија а која дури не е во Европа!

ПРЕС24:  Дали после Референдумот на Македонија може да и се случи глобален развој, и за каков развој може да станува збор?

ДИМЧОВСКИ: Ај прво една мала анегдота која јас лично се обврзувам да ја направам до моите пријатели во Институтот Каролинска ( кој одлучува за Нобелови награди). Ако се се заврши како треба после референдумот,  јас лично ќе ги предложам ( а можат и други се разбира!) премиерите Заев и Ципрас ( со нивните тимови) за Нобелова награда за мир за тоа што го направија за Балканот и Северна Македонија!  А не е мала сума:  околу 1.5 М€!

Глобалниот развој ќе зависи од Владата и програмите што таа ќе ги прифати да ги реализира во Северна Македонија, но  тоа не смее да биде толку млитаво како досега!

Ниедна досегашна влада од осамостојувањето на Македонија немаше динамичен програм за развој ни во индистријата, ниту во науката ниту во економијата, ниту во агрономијата ни во туризмот ( а да не зборуваме што се и беше и е укажувано од ЕУ за сите традиционални столбови како судството, војската, полицијата и  администрацијата , меѓу други!)

А погледајте го само ЕУ извештајот за Македонија во 2010! После повеќе десетици страници забелешки, примедби и критики, некаде пред крајот: Пофалба за склучениот договор со ЦЕРН и програмата ( за иден НАНТ)..! Јавноста не беше ни запознаета со тоа, а владата направи буквално: НИШТО!

Да потсетам дека пред деситина години јас формирав, со многу ентузијасти, партија “Македонска Иднина –МИ“,  замислена во “центар” а не лево ни во десно (барем како тоа се разбира во Македонија). МИ имаше силна динамична програма за развој на Македонија!  Но тогашните медиуми и владата на Бучковски направија се да истата биде спречена да заживее!  Многу делови од таа програма можат да бидат имплементирани и јас со моите истомисленици сме на располагање!

ПРЕС24:  Може ли да се очекува нешто конкретно од ЦЕРН, а што на пример од ЕУ, бидејќи тој процес на присоединување кон Унијата сепак ќе биде подолг отколку што се очекува?

ДИМЧОВСКИ: Па ЦЕРН веќе направи огромно нешто за целата планета, па и за Македонија, а тоа е ИНТЕРНЕТОТ! Најголемата револуција во човештвото настана во ЦЕРН (и тоа од мојата истражувачка група..!) Тоа за нас беше само една електронска комуникација што ја направивме меѓу ЦЕРН, Фермилаб во Чикаго и Дубна во СССР, и тоа преку аналогни телефонски линии. Дигиталните, многу побрзи, дојдоа подоцна па овозможија далеку побрз Интернет!).

Со ЦЕРН веќе постои унилатерална соработка со Македонија, како веќе кажав со активно учество на наши студенти од сите Универзитети од Македонија, техничари и докторанти кои дошле или доаѓаат повремено во ЦЕРН. Откако ќе се активира НАНТ, таа соработка ќе биде значајно зголемена почнувајќи со ГРИД проектот на ЦЕРН на кој се приклучи засега само Битолскиот Универзитет додека мојот пријател Златко Зоглев беше ректор. Сегасниот ректорат  не е активен во овој контекст иако го контактирав.

ЕУ има буџет за ЦЕРН од кој моментално остануваат не искористеи околу 15 М€ до крај на 2018 ( додека пак сопствениот буџет на ЦЕРН е над милјарда € годишно) па би требало НАНТ да се вклучи во тоа со билатерални програми ЦЕРН-НАНТ. За ова зборев со Премиерот Заев оваа годинв za vreme  на конференцијата во  Давос каде јас дојдов од Церн.

Овие процеси (преку ЦЕРН и ЕУ) се отворени за земји кандидатки како што се случи и со НАТО каде Македонија веќе партиципира како наредна земја-кандидат.

ПРЕС24:  Она што за јавноста во Македонија е најспорно во овој договор е оценката дека се губи националниот идентитет на Македонците?

ДИМЧОВСКИ: Јас такво не прочитав во објавените документи, каде напротив, прочитав дека националноста е сочувана. На крајот на краиштата можете да имате званично друга или повеќе националности ( што е чест случај со европјаните) но највазно е како се чувствувате. Веќе за тоа зборував во делот за “Регион Македонија!”).

ПРЕС24:  Употребата на новото име Република Северна Македонија ќе значи промена на Уставот и употреба во сите сфери на општеството дома, од учебници до табли, пари, документи, печати... Што мислите дали не е тоа прашање кое реално предизвикува фрустрации кај народот?

ДИМЧОВСКИ: Тие промени се колатерална штета, но занемарливи во споредба со придобивките кога ќе станеме званичен дел од Европа со сите бенефиции и тоа од безбедноста до непречениот развој. Треба да се направи посоодветен напор да се тоа објасни на народот.

ПРЕС24:  Мислите ли дека Балканот, вклучително и Македонија има потреба од промена на менталитетот, во смисла на поинакво разбирање и на политиката, но и на светските општествени текови?

ДИМЧОВСКИ: Балканот, па и Македонија треба да го сочуваат својот уникатен шарм со чувствителноста, пријателството, гостопримството, ентузијазмот , но и да се култивираат со европските вредности и во борбата за европско единство бидејки и САД и Русија и Кина и Индија,  како нуклеарни сили, веројатно ќе продолжат агресивно со нивната желба за доминација врз Европа па и целиот свет. Но и тука има решение (можеби за ова друг пат.!)

И поради тоа граѓаните треба  да внимаваат за кого ќе гласаат за да бидат соодветно и ефикасно репрезентирани на сите нивоа на државата.

ПРЕС24:  Вашиот животен пат Ви овозможил да го живеете духот на она што се европски вредности, нешто кон што декларативно сите политички партии се декларираат. Но, што всушност значи Европа, европски вредности?

ДИМЧОВСКИ: Европа го има тој дух, европски, на кој треба и Македонија да се адаптира. А тој дух е базиран на наколку основни вредности:

- вистинска демократија (а не таа што разни ретроградни национал-популисти дури и во некои помали европски земји лажно ја прикажуваат во нивните статути па и устави

- правна држава ( но во вистински смисол на зборот, а не заробената до скоро држава (мојот пријател Шкариќ би требало да е инструментален за уставните промени)

- толеранција и коректност ( а не омраза!) за неистомислениците ( што засега ги нема на Балканот..!) и

-рационално и домаќинско водење на државата ( во некои европски земји премиери и министри доаѓаат на работа со велосипед..а не со Мерцедес од 600’000€!)  како и ударна развојна програма која се реализира на дело а не само на хартија!

- оптимизам и верба во европската иднина што ние, вистинските европјани го покажуваме насекаде и секогаш!

А зошто ова последното? Бидејќи се е релативно а тоа е и многу подлабоко од она што дури и Алберт Ајнштајн ни го објасни (со специјалната и општата теорија на релативиноста)! А сто тоа има врска со маките од скоро триесетина години кои Македонија ги сретна се до овој референдум?

Па само да помислиме дека вселената има скоро 14 милијарди години, нашето Сонце е веќе средновечно “суштество”  и ќе се угаси (водородот ќе го истроши) за помалку од наредни 5 милијарди години. А хомо сапиенс , од кого потекнуваат и жителите на Македонија постои “само” некои 200’000 години! Зарем ова не е доволно да бидеме оптимисти и дури...сите посреќни и гласаме ЗА ?

 

 

 

20.09.2018 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа