Летаат казни во Кривичен - тројца адвокати добија казна од 1.000 евра
Денешното судење за предметот на СЈО со кодно име „Топлик“ е одложено поради неприсуство на тројца адвокати, пренесува „Макфакс“.
Судијата Осман Шабани парично ги казни адвокатите на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески – Еленко Миланов и Сања Алексиќ и штипскиот адвокат Дончо Наков, со образложение дека иако биле уредно повикани за денешната главна расправа не се појавиле на судењето. Казната изнесува 1.000 евра.
Адвокатите со писмени поднесоци испратени на 19 септември го известиле Судот дека поради судењето за настаните од 27 април нема да можат да присуствуват на рочиштето за „Топлик“.
Обвинетиот Јанакиески замоли да не се одржи судењето бидејќи, како што рече тој, лично сака процесот да заврши што побрзо бидејќи е уверен оти предметот е чист, а не може да ангажира други адвокати среде процесот бидејќи постапката е во подмината фаза.
„Не бегам. Сакам што поскоро да се соочам со сведоците“, рече Јанакиески.
Судијата Огнен Ставрев на присутните на судењето на „Топлик“ им рече дека во Македонија има над 1 000 адвокати и само 9 судии во одделот за судење предмети од областа на организиран криминал и корупција и дека треба присутните да го почитуваат времето и распоредот на сите странки во постапката, но и времето на Судот.
За предметот се закажани се 6 рочишта во октомври и ноември. На денешното рочиште со полиција беа донесени тројцата сведоци Емилија Путилин, Малинка Матевска и Василка Поп Ѓорѓиева кои не се појавија на минатото рочиште.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа