Ѓорчев во Вашингтон се сретна со Вес Мичел и Метју Палмер

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев за време на посетата на Вашингтон се сретна со Вес Мичел - Помошник секретар за Европа и евроазиски работи, како и неговиот заменик Метју Палмер. Воедно, Ѓорчев оствари средба со Џил Дитрих и Џошуа Луис од канцеларијата на Стејт департментот за Македонија.

За време на средбите Ѓорчев ги информираше соговорниците за актуелната политичка состојба во Македонија после референдумот што се одржа на 30-ти септември.

Ѓорчев истакна дека македонските  граѓани го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и НАТО, но немаат доверба во политиките на Зоран Заев и неговата влада, што се виде преку нискиот одѕив на референдумот.

Воедно, Ѓорчев го посочи проблемот со очигледното полнење на кутии на повеќе избирачки места на референдумот, проблемите со слободата на медиумите, политичкиот прогон, јавната безбедност и секојдневната нефункционалност на владините институции.

Во делот на економијата, Ѓорчев ги информираше соговорниците за влошените економски показатели и проекциите на ММФ дека Македонија ќе има убедливо најмал економски раст на Балканот.

Во делот на надворешната политика, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на стратешкото сојузништво со САД кое што го иницираше и потпиша токму владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година.

Ѓорчев истакна дека САД се партнер, пријател и сојузник на Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ силно ги поддржува и промовира сојузништвото со САД како долгорочна позиција на партијата и на државата.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

 

 

 

12.10.2018 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега