Фого: НАТО во блиска иднина ќе и посака добредојде на Македонија

НАТО го цени извонредниот напредок на Македонија и се надеваме дека во блиска иднина ќе ви посакаме добредојде како 30. сојузник во Северноатлантската алијанса, изјави денеска командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмиралот Џејмс Фого, по средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Тој изрази уверување дека посветеноста на другите 29 сојузници во НАТО кон колективната безбедност, ќе ја унапреди стабилноста и на Македонија.

– Последен пат бев во Македонија во 2004 година. Тогаш нашата визија за вашата земја беше Македонија да стане членка на НАТО и веруваме дека времето за тоа дојде. Во Скопје НАТО има Канцеларија за врски која тесно соработува со вашите власти, формирана е во 2002 година и дава совети во целокупниот процес за добивање полноправно членство во Алијансата, истакна Фого.

Командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол се заблагодари и за професионалниот придонес на македонските сили во Авганистан.

– Репутацијата на вашите сили секогаш е на завидно ниво, и секогаш е добро да бидете дел од нашите операции и мисии на НАТО надвор од земјата. Со задоволство го слушнав фактот дека размислувате за зголемување на вашиот придонес со сили во Авганистан или можеби на друго место во светот, рече адмиралот Фого.

Шекеринска од своја страна, се заблагодари на постојаната поддршка од страна на НАТО во процесот на планирање и реализација на одбранбените реформи.

Министерката за одбрана изрази уверување дека на почетокот на 2019 година Македонија ќе биде на масата заедно со сите сојузници на НАТО, а веднаш потоа со успешно завршен ратификуван процес ќе бидеме и 30.та членка на Алијансата.

– Посетата на адмиралот Фого ја гледаме како уште еден израз на поддршката која НАТО ја дава на процесот на интегрирање на Македонија во најмоќниот воено-политички сојуз. Македонија покажа дека има капацитет за придонес и во командите на Алијансата и тоа со два штабни елементи во командата во Неапол. Денеска повторно разговаравме да обезбедиме присуство на наши штабни офицери во командата во Неапол во текот на следната година, рече Шекеринска.

Истакна дека како на одговорна команда за силите на НАТО на Косово (КФОР), Македонија со истата посветеност како и досега ќе продолжи да ја дава сета поддршка на силите кои и досега транзитираа низ Македонија, како и подготвеност за оперативна поддршка на силите на КФОР со штабни офицери од АРМ, што ќе претставува придонес кон НАТО и шанса за јакнење на регионалната соработка.

Посочи дека Македонија го продолжува и го засилува своето присуство и учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, бидејќи цврсто верува во вредностите на Алијансата, а тоа е дека мирот, стабилноста, и безбедноста во светот влијаат позитивно на секоја земја.

– Македонија беше наречена единствениот зрак на надеж во Европа во текот на оваа година, бидејќи со храброст и со одлучност, решивме да се справуваме со проблемите, а не да се оправдуваме со проблемите што го мачеа и нашиот регион и нас. Со мудри и храби одлуки продолжуваме на патот кон НАТО, што сега повеќе од било кога е близу до својата завршница. Повеќе од 25 години работиме Македонија да стане дел од НАТО. Оваа година поканата за НАТО самитот, започнатите и завршени разговори покажаа дека Македонија може и е решена да ги исполни своите стратешки цели, истакна Шекеринска. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.12.2018 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега