Беговиќ: Добивме сигурни гаранции за поголеми плати на здравствените работници

 Добивме сигурни гаранции од премиерот дека завршно со првиот квартал доколку овие трендови во економијата продолжат дека дел од тоа ќе оди за зголемување на платите на здравствените работници, изјави денеска претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, Горан Беговиќ по средбата во Владата со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Посочи дека разговорите ќе продолжат.

Заедно со претставници од Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување, потенцира, ќе се најде решение да се намали револтот кај здравствените работници.

– Кога ќе заврши кварталот, кога ќе се види во каква состоба е буџетот и со нов негов ребаланс би се зголемиле коефициентите за здравствените работници. Има разбирање дека доколку овие позитивни трендови од овие два последни месеци во однос на македонската економија и буџетот продолжат завршно со првиот квартал веднаш ќе се пристапи што може од тој буџет, тие приходи повторно да се внесе во платата на здравствените работници и другите вработени во Клиничкиот центар, рече д-р Беговиќ.

Тој појаси дека премиерот на средбата им укажал дека буџетот е изгласан во Собранието, дека има големо разбирање за здравствениот персонал и дека тоа што го ветиле во програмата сака и се надева дека до крајот на 2020 година ќе го реализираат.

– Разгледуваме можности. Дадовме и ние понуди. Заедно со министерот за здравство и со Министерството за финансии ги разгледуваме дали има можност да се најде решение оваа состојба на персоналот на Клинички да се смири, нагласи Беговиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека имаат ветување од министерот за здравство, па и сега од премиерот дека паркингот ќе се врати во владение на Клиничкиот центар.

– Сега се бараат модуси како тој паркинг ние ќе го управуваме, менаџираме. Мислам дека паркингот ќе биде во надлежност на Клинички центар, додаде д-р Беговиќ.

До денешната средба дојде по протестот на вработените во Клиничкиот центар по одлуката на Град Скопје да им ја зголеми цената на месечниот билет за паркирање од 300 на 800 денари. Откако немаше решение околу нивното барање да се поништи одлуката тие побараа разговор со премиерот за да го искажат незадоволството од најавеното зголемување на платите за здравствените работници од јануари следната година, со кое се предвидува зголемување на платите на докторите за 10 отсто, а на медицинските сестри за пет отсто.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.12.2018 - 14:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега