Червар: Сите кои ќе истрчаат на паркетот против ПСЖ ќе мора да го дадат максимумот

Тимот на Лино Червар Металург, во сабота во рамките од Лигата на шампиони ќе се сретне со силниот Парс Сен Жермен. 

Шампионот од Франција во овој дуел ќе влезе како фаворит, и Червар и екипата тоа добро го знаат. Металург ќе биде ослабен со Филип Миркуливски, поради црвениот картон на мечот со Вакер Тун и суспензијата која ја заработи од ЕХФ, како и со Павел Атман кој деновиве тренира под посебен режим.

Сепак во Металург најавуваат максимална борба на секој дел од теренот со цел да се обезбеди поволен резултат против големиот ПСЖ.

Червар вели дека ќе биде тешко да се игра против тим кој заедно со Барселона е најсериозен кандидат за освојување на Лигата на шампионите.

Целосно е анализирана играта на противникот, а како што вели стратегот на „металурзите“ најважно ќе биде грешките на овој меч да се сведат на минимум.

-Тоа е клуб кој е најбогат и најдобро организиран од самото постоење на Лигата на шампионите. Заедно со Барселона се двата тима кои се најсериозни кандидати за освојување на пехарот. Ете, тоа доволно говори во каква група играме ние. Имаат играчки кадар кој е доста широк и во кој се наоѓаат едни од најдобрите ракометари на светот.  Ние не смееме да си дозволиме луксус и да правиме грешки. На овој натпревар грешките мора да ги сведеме на минимум, како во нападот така и во одбраната. Не смееме да си дозволиме во напад да ги продаваме топките, а одбраната да гине. Мораме да одиграме дисциплинирано и максимално ангажирано, вели Лино Червар.

Капитенот на Металурзите Мојсовски потенцираше дека евентуален пораз од ПСЖ нема да биде никаква катастрофа.

Сите кои ќе истрчаат на паркетот во сабота ќе мора да го дадат својот максимум пред се поради македонската публика која години наназад им дава поддршка.

-Добро знаеме против каков тим играме и нема потреба многу да се зборува. ПСЖ е една од трите најсилни екипи во Европа. Сите играчи треба да го дадат својот максимум, од првиот до последниот и само така можеме да им се спротивставиме. Наше е да одиграме најдобро што знаеме, a најважно е на крајот публиката која не бодри во овие неколку години да биде задоволна и да каже навистина го дадоа својот максимум, вели Наумче Мојсоски.

Натпреварот се игра во сабота со почеток во 18:00 часот, а како што информираа од таборот на Металург во останаа уште 300-400 влезници за продажба.

26.09.2013 - 16:56

најчитано сега