ВМРО- ДПМНЕ: Секој земјоделец треба и мора да ги добие парите за својот труд и за својата работа
Секој земјоделец треба и мора да ги добие парите за својот труд и за својата работа, се вели во реакцијата на ВМРО- ДПМНЕ на пресот кој предмалу го имаше Бетиане Китев од СДСМ.
„Сепак досегашната инертност и неспособност на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски остава сомнеж дека и овој проблем на лозарите ќе биде брзо и целосно решен. Впрочем за тоа говорат и досегашните состојби во земјоделието кога интервентните мерки за сливопроизводителите, јаболкарите и оризопроизводителите впрочем и во целиот земјоделски сектор не дадоа никаков ефект.
Оттука праксата вели дека она што СДСМ и Николовски ќе им го ветат на земјоделците или останува празно слово на хартија или делумно се реализира. Такво е ветувањето за загарантиран откуп и повисоките откупни цени, такво е ветувањето за зелена нафта, гарантниот фонд, таков е и бенефицираниот стаж за земјоделците.“ велат од ВМРО- ДПМНЕ.
Од паријата нагласуваат дека лозарите во неколку наврати беа излажани од оваа власт. Иако владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за 100 % обесштетување за мразот со доаѓањето на СДСМ на лозарите им беа дадени само потценувачки 5%, иако им ветија цени од 15 денари за белото и 17 денари за црното грозје цените беа далеку пониски.
„Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи решавањето на проблемот на лозарите, ќе биде во контакт со граѓаните и заедно ќе интервенираме врз законските измени со цел да се гарантира реалната исплата на трудот и работата на земјоделците.
Знаејќи со какви манипулации и лаги се служат неспособните и некадарните кадри на СДСМ уште еднаш потенцираме и ги охрабруваме да распишат предвремени парламентарни избори за земјоделците да го добијат заслужениот третман и внимание.“ стои во реакцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа