Насуфи: Потранспарентни јавните набавки со новиот закон, лани склучените договори биле 700 милиони евра
Процесот на доделување договори за јавни набавки е транспарентен. Но, со новиот закон што стапува на 1 април се зголемува транспарентноста, оценува директорот на Бирото за јавни набавки, Бардул Насуфи, кој во интервју за МИА истакнува кои се предностите на новиот закон.
Наведува дека од почетокот на годината се објавени 4.702 огласи за јавни набавки, додека во текот на минатата година се објавени вкупно 21.406 огласи, а вредноста на склучените договори била 700.000.000 евра.
Од април стапува во сила новиот Закон за јавни набавки. Што е она што е најкарактеристично и кои ќе бидат придобивките од неговата примена?
Со донесувањето на овој закон се создаваат основите за сеопфатна реформа на системот на јавните набавки, а дел од решенијата и новините ќе придонесат да се зголеми транспарентноста преку воведувањето на обврската за задолжително објавување на годишните планови за јавни набавки и склучените договори, да се подобри квалитетот на она што се набавува преку воведувањето економски најповолната понуда како критериум преку кој ќе се избира најповолната понуда, да се олеснат условите за учество на малите и средните претпријатија во постапките за јавните набавки. Имено, договорните органи задолжително ќе треба да го оформуваат предметот на набавка во повеќе посебни делови, а доколку тоа не го сторат во одлуката за јавна набавка ќе треба да ги образложат причините за таа своја одлука.
Се воведува и можност за директно плаќање на подизведувачите (што редовно се вклучени во реализацијата на пообемните договори и најчесто станува збор за мали и средни претпријатија). Доколку не е предвидено директно плаќање, договорниот орган треба да бара од носителот на набавката да му достави доказ дека подизведувачот го исплатил во рок од 60 дена од денот на исплаќање на фактурата од страна на договорниот орган на носителот на набавката.
Ќе се следи извршувањето на договорите за јавна набавка. Праксата покажа дека реализацијата на договореното не треба да биде препуштена сама на себе, туку договорот мора да биде управуван со цел да се исполнат сите договорени обврски. Честопати договорите се сложени, може да траат подолго време и да потрошат многу ресурси и затоа мора да бидат соодветно управувани, ќе се вклучат социјални аспекти во постапките за јавни набавки. Воведувањето на таканаречените резервирани договори ќе ги поттикне инклузивниот раст и вработувањето на социјално загрозените групи, со што ќе се обезбеди социјална и професионална интеграција на лицата со посебни потреби и лицата од други социјално маргинализирани групи и поефикасно спречување на судирот на интереси при спроведувањето на јавните набавки, како и зголемување на интегритетот на процесот на доделување договори за јавни набавки преку низата антикорупциски правила.
Целото интервју прочитајте го ТУКА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа