Силјановска Давкова и Мицкоски од Битола повикаа за масовно излегување на избори

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Гордана Силјановска Давкова и лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, ги повикаа битолчани масовно да излезат и да гласаат на претстојните избори за прв човек на државата.

Силјановска Давкова упати и апел до власта да создаде благопријатен амбиент за фер и демократски избори.

– Не сум помислувала дека ќе дојде ден кога ќе прифатам ваков предизвик. Да убедите еден народ дека сте за него, со него секогаш, да работите знаејќи дека таму не сте заради себе, туку за да решите проблем. Ве повикувам да излезете на овие избори бидејќи се многу важни, тие значат НЕ за тоа што го правеа, тие значат НЕ на тоа што беше потврдено како НЕ на референдумот, порача претседателскиот кандидат на опозицијата.

Доколку бидам избрана за претседател, порача, ќе се опкружам со луѓе од знаење, луѓе од доверба, луѓе со креација, со дигнитет, со интегритет…,за да пратиме порака кон оние надвор и до најдобрите млади што се уште се тука дека најдоброто ќе биде почитувано и вреднувано, тие ќе дојдат на вистинските места.

Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, на избори треба да се излезе масовно затоа што со победата ќе се предизвикаат и предвремени парламентарни избори кои, според него, ќе се одржат наесен.

-Да го поддржиме кандидатот на опозицијата, најинспиративниот универзитетски професор. Победа на 21 април, и потврда на победата на 5 мај, и тоа тука во Битола, со што ќе се отворат вратите за предвремени парламентарни  избори, а потоа најголемата коалиција, најголемата политичка коалиција во историјата на македонската држава ќе биде коалицијата на народот и опозицијата, само така ќе си ја вратиме Македонија во народот, рече Мицкоски.

На митингот во Битола, Мицкоски даде одговор на јавно поставеното прашање од власта, дали ќе се откаже од поранешните политики на ВМРО-ДПМНЕ.

-Јас во ВМРО-ДПМНЕ бев дел од првата генерација, од втората генерација, а ја предводам третата генерација на ВМР- ДПМНЕ. Ние не се откажуваме и никогаш нема да се откажуваме, а како секој лидер и претседател, се што било погрешно го прифаќам на себе и подготвен сум тоа што било погрешно да понудам да го исправам во мандатот доколку народот ми даде доверба. Ние во ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваме од никого и за секој човек се бориме, еден за сите, сите за еден. Подготвен сум да се соочам со предизвикот, се што било погрешно, да понудам решение за истото, а за се што било добро, а имало и во првата и во втората генерација, да го надградам и заедно сите да понудиме решенија за подобар живот на нашите сограѓани, нагласи Мицкоски. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.04.2019 - 23:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега