Шекеринска: СЈО мора да продолжи да биде и симбол и важен дел од правната држава

 

Правда мора да има и институциите кои се бореа со криминалот и со корупцијата мора да добијат мандат да продолжат тоа да го прават, изјави денеска вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со статусот на Специјалното јавно обвинителство.

– Во првите денови Специјалното јавно обвинителство можеби беше само симбол, сега тоа мора да продолжи да биде и симбол и важен дел од правната држава која ќе покаже дека е функционална. Затоа ги водиме преговорите, не со цел да оствариме партиски интерес, туку со цел да дадеме одговор на очекувањата на целата наша јавност – дека правда мора да има и институциите кои се бореа со криминалот и со корупцијата мора да добијат мандат да продолжат тоа да го прават, изјави Шекеринска и додаде дека, за жал, лесно не се доаѓа до ваков компромис.

Според неа, опозицијата во изминатиов период преговара со цел Специјалното јавно обвинителство де факто да не може да работи.

-Ние нема да се согласиме на такви компромиси. Спремни сме за компромиси што ќе значат подобар закон, посилно обвинителство и повеќе контрола и врз извршната власт. Но, не сме спремни на компромиси што ќе значат ставање под тепих на старите злоупотреби или било какво ослабување на институцијата која треба да го истражува и минатото и сегашното работење на Владата, рече Шекеринска.

Таа очекува дека ќе се најде решение, додавајќи дека обврските се големи и пред власта, и пред опозицијата.

-Нашата јавност нема да прости на било која политичка партија или на било кој политичар кој ќе бара СЈО практично да престане да работи. И затоа обврската е и наша како Влада тоа да го издејствуваме, како и на опозицијата, особено во пресрет на одлуките од страна на Европската Унија, истакна Шекеринска.

Посочи дека никој нема аргументи СЈО да го претвори во формално обвинителство кое нема да има ниту сила, ниту моќ, ниту мандат да ја работи својата работа, бидејќи, како што рече, такво обвинителство не ни треба.

Во Министерството за правда вчера беше одржана средба на работните групи на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не беше постигнат напредок во договор за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство.

Отакако неодамна донесе одлука дека указите на претседателот во заминување Ѓорге Иванов за унапредувањата и поставувањата во Армијата се незаконски, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера побарала дополнителни документи со кои биле извршени решенијата. Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска смета дека тие не само што треба да бидат поништени, туку и оти парите од зголемените плати треба да се вратат, иако, смета, многу побитна е пораката на Комисијата дека законот важи за сите.

-Мислам дека многу поважна беше политичката порака дека законот важи и за секој претседател, како што важи за премиер, за секој министер… Претседателот во заминување Иванов очигледно сакаше да покаже дека за него ништо не важи и затоа според официјалниот допис од Антиикорупциска против него се покренува прекршочна постапка, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во изјава пред Владата, додавајќи дека очекува потребните документи да бидат доставени до ДКСК в понеделник.

Таа смета дека новоизбраниот претседател Стево Пендаровски има ингеренции да постапува во врска со овој случај и очекува тој тоа да го направи.

-Дефинитивно, сегашниот претседател ги има сите ингеренции што има еден претседателот во полн капацитет особено во делот на поставувањата тоа ќе биде одлука која ќе ја носи Пендаровски, рече таа.

Сигурна сум, додаде министерката Шекеринска, дека новиот претседател и ние како извршна власт ќе направиме се да не дозволиме било кој да ги крши законите.

Државната комисија за спречување на корупцијата ( ДКСК) на седница одржана на 24 април донесе одлука за поведување две прекршочни постапки против претседателот на државата Ѓорге Иванов за донесени укази за унапредување и поставување старешини во Армијата за време на изборниот период, објавени во Службени весник на 26 февруари 2019 година, што претставува непочитување на забраните утврдени на Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.05.2019 - 15:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега