„Хофмановите приказни“ ќе ги отворат 41. Мајски оперски вечери

Премиерата на  операта „Хофманови приказни“ на Жак Офенбах в четврток ќе ги отвори  41. Мајски оперски вечери. Режисер на претставата е Урсула Хорнер од Австрија, диригент Најден Тодоров од Бугарија, а во насловната улога ќе настапи тенорот од Белгија Микаел Спадачини.

Светската премиера на операта „Хофманови приказни“ (Les contes d'Hoffmann) во три чина, пролог и епилог, била во 1881 во Париз, а во Македонија првпат била изведена во 1965 година.

На премиерата, со која на 9 мај свечено ќе бидат отворени годинашните Мајски оперски вечери, ќе настапат и Ирена Квакалевска (Никлаус), Наде Талевска (Олимпија), Олгица Милевска (Џулиета), Билјана Талевска-Јосифов (Антонија), Ернес Ибраимовски (Линдорф, Копелиус, Дапертуто, д-р Миракл). Сценограф е Марија Ветероска, костимограф Марија Пупучевска, кореограф Олга Панго.

На програмата се уште четири опери:  „Травијата“ (18 мај), „Атила“ (22 мај), „Лучија од Ламермур“ (26 мај) и „Аида“ - со која на 31 мај традиционално се затвора фестивалот. Покрај нив има и еден балет, „Дон Кихот“ (13 мај), како и дводневен оперско-драмски настан на 11-ти и 12 мај во рамки на манифестацијата Европски оперски денови, кои се одбележуваат во стотина оперски куќи низ светот.

Годинашните Вечери се посветени на 200 години од раѓањето на Верди, 50 години од скопскиот земјотрес и 20 години соработка со други земји. Мотото е „Момент кој треба да се доживее“. Цената на билетите е пониска од минатите години и е од 400, 600 и 800 денари, а 200 за настанот посветен на Европските оперски денови. За блок-билети попустот е 40 отсто. 

најчитано сега