Ќе се формира посебен оддел кој ќе го истражува животот и делото на Мајка Тереза

 

Посебен Оддел при Институтот за духовно и културно наследство на Албанците ќе го истражува животот и делото на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза, како светска вредност и како една од европските вредности, а тоа е солидарноста.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска за време на посетата на Институтот, каде се сретна со директорот на оваа установа Скендер Асани, даде поддршка на овој проект.

– Денеска кога се одбележуваат 22 години од смртта на скопјанката Гонџа Бојаџиу, Мајка Тереза, но и тригодишнината од нејзиното прогласување за светица, денеска во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците дадов поддршка во име на Владата за нивната идеја за институционализација на истражувањето и на зачувувањето на животот и делото на Мајка Тереза како светска вредност на која сите се гордееме, рече Османи.

Посочи дека отворањето на овој оддел во рамки на Институтот за првпат на институционален начин ќе ја истражува и промовира работата на Мајка Тереза.

– Дадов поддршка на работата на Институтот за бројни проекти, особено за оној за кој заеднички работевме, а тоа е создавање на секторот за изучување на Холокаустот како уникатен во светот, како институционален државен сектор односно одделение што ќе го истражува Холокаустот и како да се едуцираат новите генерации, што значи омразата и ширењето на омраза и кои последици може да ги има. додаде Османи.

Истакна дека како вицепремиер за европски прашања, има задача и за промовирање на европските вредности, а солидарноста, како една од нив е и, како што рече, второто име на Мајка Тереза. Очекува овој проект да ги поврзе луѓето кои се носители на ваквите вредности, со ширење на европската идеја кај нас.

Директорот на Институтот Скендер Асани рече дека на вчерашната седница на советот на Институтот е основан Одделот за наследство на Гонџа Бојаџиу, Мајка Тереза.

– Ликот на Мајка Тереза ги зближува сите народи, сите нации во светот. Треба да се почне од градот каде е родена, и креирањето на овој оддел, прв во светот ќе се занимава од нејзиното раѓање па се до смртта, ќе даде поттик на многу истражувачки инстиуции да дојдат во Скопје, бидејќи ние имаме многу документација напишана од нејзина рака, и со тоа нејзината младост и животот ќе се истражуваат така како што налагаат сите научни принципи, подвлече Асани.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.09.2019 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега