Заев најави тендер за „Чебрен“-„ Активностите околу изградбата на новиот клинички центар одат според планираното“

 

 

   До крајот на годината ќе биде објавен тендер за „Чебрен“, патот Скопје – Блаце ќе го гради „Гранит“, а активностите околу изградбата на новиот клинички центар одат според планираната динамика, соопшти денеска од собраниска говорница премиерот Зоран Заев.

Одговорајќи на пратеничко прашање што му го постави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Заев информира дека одлуката за објавување тендер за „Чебрен“ е донесена во вторникот и утре треба да биде потврдена, а в сабота на седница на Владате ќе бидат заокружени административните процедури.

– До крајот на годината ќе биде објавен тендерот. Ја користам оваа прилика, одовде да ги повикам сите меѓународни компании да се јават на повикот со новопроменетите, исклучително поволни услови и конечно, по 28 години зборување, да почне реализацијата на овој проект, нагласи Заев.

Во врска со патот Скопје – Блаце, рече дека за жал, првиот тендер не беше успешен.

– Вториот беше успешен. Вчера сум информиран дека е избран скопски „Гранит“. Сега се чека да помине периодот за жалба. На тендерот имаше три компании. Ако биде се во ред, почнува рализацијата на првите три километри, по што ќе следува и објавувањето на вториот тендер, за десетте километри, истакна премиерот.

За клиничкиот центар, тој потсети дека се јавиле две компании – француска и германско-австриска.

– Се тера заокружувањето на финансиските аспекти, со цел избор за најповолна понуда. Се разговара со развојните банки, а потоа и со комерцијалните. Се бара најдобриот финансиски аранжман, по што ќе се бира изведувачот. Одиме со динамиката што беше планирана, рече Заев.

Милошоски на собраниската говорница излезе со диктафон од кој пушти снимка на која се слуша како премиерот Заев најавува проекти и добивање датум за почеток на преговори.

– Не ви го поставив прашањето за да добијам одговор, туку за да видат луеѓето како лажевте дека ќе влеземе во ЕУ, дека ќе почне изградабата на клинички, дека ќе се градат автопати. Уште седум дена ќе имате време да лажете, за седум дена министер од вашиот тим ќе ве напушти, што е добар показател дека е добро да се напушти бродот што тоне. Вие овие години ќе останете запамтен како политичар што го сменил името, колнејќи се во своите деца и спротвино на желбата на народот и политичар во чие време најмногу бизнисмени беа рекетирани, рече Милошоски.

На тоа Заев возврати дека е тука да дава отчети и дека завршило времето на „пуштање“ снимки.

– Можеме да пуштиме многу што, но тоа време заврши. Тука сум да давам отчет, потенцира премиерот. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.12.2019 - 14:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега