Локвенец: ВМРО-ДПМНЕ се заканува со поништување на Договорот од Преспа

 ВМРО-ДПМНЕ на македонските граѓани не им нуди ништо ново, освен познатите погубни политики со кои сака да ја врати државата со децении назад. Најавите дека се залагаат за поништување на Договорот од Преспа  директно го загрозува нашето понатамошно и полноправно членство во НАТО, како и нашата интеграција во ЕУ, рече денеска пратеникот од СДСМ Хари Локвенец на прес-конференција во Собранието.

Тој потенцира дека членството во НАТО и во ЕУ на нашата држава и гарантираат безбедност, стабилност , економски напредок и развој. ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, е против тоа и сака да ја врати назад заробената држава.

-Столчето во НАТО кое не очекува е столче за Република Северна Македонија, 30-та земја членка на Алијансата на најмоќниот сојуз во историјата на човештвото. Без договорот од Преспа, тоа наше столче во НАТО не беше возможно. Во период кога во Шпанија започнува последната ратификација на Протоколот за наше членство во НАТО, ВМРО-ДПМНЕ се заканува со ревидирање, односно поништување на Договорот од Преспа,  рече Локвенец. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни зошто се овие закани против Договорот и против нашето членство во НАТО.

Ставовите на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, се неодговорни, антидржавни и спротивни на ставовите на стратешките цели на државата. Најави дека СДСМ заедно со граѓаните нема да дозволат враќање на државање во, како што рече, мрачното минато.

Прашан за законот за јавно обвинителство, Локвенец изјави дека со самото отворање на ова прашање, како што рече, ние ја покажавме нашата одговорност.

-Свесни сте и самите дека преминување преку црвените линии кои подразбираат континуитет и конзистентност на работата, самостојност и независност на работата на целиот правосуден систем не смееме да поминеме. Не заради нас, заради државата и иднината на нашите граѓани. Подетални информации убеден сум дека ќе добиете од учесниците во самите преговори за тие да бидат релевнатни, рече Локвенец.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.01.2020 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега