Средба Заев - Орав: Опозицијата ќе биде конструктивна

Делегација на СДСМ предводена од претседателот, Зоран Заев, денеска оствари средба со со Шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Аиво Орав. На средбата се разговараше за новиот Извештај на ЕК и евроинтегративниот процес на Република Македонија.

 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ја поздрави и ја поддржа петтата по ред препорака за отпочнување преговори за членство во Европската Унија. Тој истакна дека ставовите на СДСМ соодветствуваат со ставовите на мнозинството во нашата земја, односно дека нема друга алтернатива за Македонија, освен членство во Европската Унија.

 

Шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Аиво Орав, подвлече дека Европската Комисија подготвува Извештаи единствено за земји за кои смета дека ќе бидат членки на Европската Унија. Тој ја истакна критичната важност на слободата на медиумите и независното судство како основа на секое демократско општество. Како една од клучните забелешки во Извештајот, покрај споменатите, е користењето на мерката притвор, со препорака истата да се користи согласно Европските конвенции во оваа област.

 

Евроамбасадорот нагласи дека Република Македонија има можност, но и обврска во следните два месеци, до одржување на Советот на ЕУ, да покаже напредок по прашањата од суштинско значење, вклучително и добрососедските односи и соработка.

Претседателот Заев изрази уверување дека опозицијата ќе остане конструктивна и дека ќе продолжи да се залага за непосреден и отворен дијалог меѓу партиите по однос на стратешки важните прашања за земјава. Притоа, на средбата беа разменети и повеќе предлози и идеи во овој правец, а беше заклучено дека соработката со сите чинители во општеството (НВО, деловен сектор, локална самоуправа), важни за процесот на европска интеграција, треба да продолжи и во наредниот период

(Интегрален текст од соопштение на СДСМ по средбата на партискиот лидер Заев со евроамбасадорот Аиво Орав)

17.10.2013 - 12:46

најчитано сега