Министерката Јанкулоска побара соработка со Европската канцеларија за азил

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска е дел од министерската конференција на „Салцбург Форумот“ во Букурешт. За време на конференцијата, министерката оствари работна средба со директорот на Европската канцеларија за поддршка на азилот, Роберт Висер.

Министерката Јанкулоска за МИА изјавува дека оваа средба е прва од ваков вид за Република Македонија. Таа појаснува дека целта е да се подобри практичната соработка и тогаш кога им е потребно да им се помогне на земјите-членки во исполнување на нивните европски и меѓународни обврски за да се зачува концептот на системот на азил и заедничката миграциска политика на Европската унија.

- Моето барање до директорот на Агенцијата беше да ја разгледаат можноста за проширување на надлежноста која тие ја имаат и со други земји кои не се членки на ЕУ. Се разбира, конкретно тука потенцирав дека би било за нас значајно да биде тоа Република Македонија за да можеме и ние да ги користиме алатките што ги нудат и нивните искуства со цел да се надминат проблемите со кои се соочуваме во делот на лажните барања за азил и на оние кои кои внесуваат наши државјани во земјите од ЕУ, изјави Јанкулоска.

Министерката потенцираше дека на тој начин полесно заеднички ќе се справиме со илегалната миграција што во минатиот период интензивно се појавува и на нашите граници: - Република Македонија со оглед на фактот што е на браникот на надворешната граница на Европа прави максимални напори се со цел да воспоставиме ред односно да постигнеме поголема ефикасност која ќе значи во крајна линија намалување на бројот на лица кои вршат притисок на системот на азил во Европската унија, рече министерката за внатрешни работи.

Само во последнава година во Македонија се бзабележува зголемување на ефикасноста на работење на граничните служби за дури 70 проценти.

- Меѓутоа, факт е дека дури ни тоа не е доволно доколку на другата страна на границата немаме еднаква посветеност. Во таа смисла на сите средби и на сите сесии на состаноците јас континуирано потенцирам дека ЕУ мора да најде начин да и помогне на Грција за да го подобри нејзиниот капацитет за управување со границите за да го намалиме притисокот не само заради Република Македонија која по сила на приликите е токму на границата со Грција, туку и притисокот врз Европската унија и системот на азил, рече министерката Јанкулоска која учествуваше на конференција „Салцбург Форумот“ во Букурешт.

Од страна на Европската канцеларија за поддршка на азилот било ветено дека ќе ги разгледаат сите формални предуслови, а во делот на практичната соработка изразиле подготвеност за изнаоѓање форми низ кои во најмала рака ќе се усогласат методологиите на работа и и системите на размена на податоци.

 

 

18.10.2013 - 12:32
Фото: 
вмро-дпмне.орг

најчитано сега