Ангеловска: Наплатата на ДДВ во април е намалена за 43,5 проценти во однос на лани

Министерката за финансии Нина Ангеловска и заменик министерката за финансии Ширет Елези на денешната прес-конференција ги презентираа реализацијата на Буџетот во месец април, како и проекциите за движењето на економијата од страна на министерството согласно ковид-19 кризата.

Според Ангеловска буџетските приходи во април имаат остварување од 14,2 милијарди денари што претставува пад споредено со април 2019 година. Даночните приходи во април се во износ од 7,2 милијарди денари или споредено со овој месец минатата година е забележан пад од 31 процент. Кај придонесите се реализирани 5,5 милијарди денари, а тие се на исто ниво со лани.

Другите приходи, неданочни, капитални и донации се реализирани во износ од 1,5 милијарди денари или станува збор за пад од 20 проценти на годишна основа.

– Поради воведените рестриктивни мреки за спречување на ковид-19 беше очекуван падот на приходната страна во Буџетот. Тоа што треба да се посочи во основното сценарио на министерството, проектираниот пад беше повисок или околу 40 проценти на даночните приходи. Ова значи дека имаме подобра наплата согласно нашето сценарио од околу 1,4 милијарди денари, а може да се каже дека нашето сценарио било поконзервантивно или попретпазливо – вели министерката Ангеловска.

Во однос на одделните даноци, кога станува збор за април оваа година и споредбата со истиот месец од лани, министерката вели дека приходите по основ на ДДВ се остварени за помалку од 43,5 проценти, што е очекувано согласно рестриктивните мерки. Таа додаде дека персоналниот данок на доход забележал пад од 11,7 проценти, а пак данокот на добивка забележа раст од 3,6 проценти, кај акцизите е забележан пад од 40 проценти, додека царините имаа помала наплата за 26 проценти споредено со април 2019 година.

– Најголемо натрфлање или позитивно изненадување има кај данокот на добивка, односно од вкупно наплатените приходи од данок на добивка кои изнесуваат 1,43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс, што е позитивен податок, а што говори за успешните резултати на компаниите во 2019 година – објави Ангеловска.

Придонесите во април не бележат промена, според министерката, кога станува збор за расходната страна тие се на речиси исто ниво како април минатата година, односно има раст од 0,7 проценти. Тековните расходи се исто така без разлика, со тоа што кај ставката стоки и услуги се забележува пад од 36,5 проценти споредено со април минатата година. Кај трансферите има зголемување за 7 проценти главно поради социјалините трансфери, односно поради големувањето на пензиите во 2020 година. Капиталните расходи се повисоки за 15,7 проценти во споредба со истите во ланскиот април.

– Ако направиме една паралела, на април оваа година и април минатата година, поточно од јануари и заклучно со април, наплата е пониска за 9 проценти во однос на лани. Наплатата на даночните приходи е за 9,1 проценти пониска, а тоа се должи најмногу на намалувањето на ДДВ за 14,6 проценти за целиот овој период. Раст од 9,6 проценти има наплатата на придонесите во однос на лани, а тоа е показател дека годината започнала одлично со раст на вработеноста и раст на платите, а тоа се должи на мерката за покачувањето на платите која ја искористија околу 22.000 компании, а поголема плата добија околу 120.000 вработени – рече министерката Нина Ангеловска.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.05.2020 - 11:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега