Се работи на контурите за новиот датум за парламентарни избори

Државната изборна комисија (ДИК) денеска до Кабинетот на претседателот треба да го достави своето мислење за временските рокови потребни за спроведување на изборниот процес. Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера имаше средба со членовите на ДИК, со што и започна собирањето на договорените дополнителни информации што треба на лидерите на политичките партии да им помогнат за одредување нов датум за парламентарни избори.

Претседателот Пендаровски ги запознал членовите на ДИК со ставовите на претседателите на политичките партии и консензуално усвоениот став дека е потребно Комисијата да достави мислење за временските рокови потребни за спроведување на изборниот процес.  

Лидерите на политичките партии на средбата кај Пендаровски во вторникот се договорија да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на КОВИД-19, ДИК да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, како и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. Следната средба треба да се одржи на почетокот на идната недела.

Во ДИК има различни мислења во врска со продолжувањето и спроведувањето на изборниот процес во контекст на мерките што се на сила за превенција на ширењето на коронавирусот и речиси двомесечниот прекин на овие дејствија, како и за Уредбата со законска сила што на 21 март ја донесе Владата, за што говорат ставовите на претседателот на ДИК Оливер Деркоски и членот на Комисијата Борис Кондарко.

Деркоски, кој е делегиран од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека изборниот процес треба да се организира од почеток, со повторно распишување на изборите, за да не може никој да го оспори нивниот легитимитет, додека, пак, неговиот колега Борис Кондарко предложен од СДСМ, смета дека изборните рокови треба да продолжат таму каде што биле прекинати поради прогласената вонредна состојба.

Ист став застапуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, според кои, веднаш по прекинувањето на вонредната состојба, треба да продолжат активностите за организација на изборите таму каде што застанале, а партиските лидери, по препораката на здравствените власти, да го договорат терминот за нивно одржување.

Парламентарните избори беа закажани за 12 април, па одложени поради вонредната состојба и ширењето на Ковид -19. Изборниот процес беше прекинат на 22 март со заклучок на ДИК, а по донесената Уредба со законска сила од Владата.

Премиерот Оливер Спасовски вчера во Штип имајќи ги предвид мерките за справување со коронавирусот, соопшти дека Владата прави детален протокол како ќе се одвива кампањата на политичките партии на терен, но и како ќе спроведат изборите на денот на гласањето.

-Главно во сите протоколи е дистанцата и носењето на заштитната опрема и тоа е многу важно ако сакаме да ја одржиме состојбата, ваква каква што ја имаме, да имаме тенденција на намалување на инфицираните и од тој аспект ќе биде подготвен детален протокол, како да се однесуваат политичките субјекти, во текот на изборната кампања и за самиот ден на изборите, вели Спасовски.

Тој очекува дека партиите веќе наредната недела ќе го утврдат и датумот на предвремените парламентарни избори. Повтори дека приоритет е здравјето на граѓаните, но дека исто така е добро што поскоро да имаме избори, за да имаме функционални институции.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.05.2020 - 08:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега