Герберих: Би било грешка успехот со одлуката за преговори да се уништи со политизација на историските дадености

Постигнувањето согласност на Европскиот совет за започнување на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија требаше да се случи одамна. Тоа е во интерес на ЕУ како целина, но особено во интерес на соседните држави на ЕУ во регионот. Би било сега грешка овој успех да се уништи со политизација на историските дадености. За историските прашања мора да се разговара, може и контроверзно да се дискутира за нив. Но, тие не им припаѓаат на политичките процеси кои ги решаваат проблемите на сегашноста и мора одговорно да се насочени кон иднината.

Ова во интервју за МИА го вели германскиот амбасадор Томас Герберих запрашан за оценките на дел од јавноста во земјава дека најавените бугарски барања во делот на историјата и јазикот се вовед во ново вето за Скопје во процесот на евроинтеграцијата.

Запрашан за коментар дали процесот на проширување може да забави поради корона пандемијата, амбасадорот Герберих подвлекува дека станува збор за глобален предизвик со кој сите ние мора актуелно да се соочиме и тоа е моментално приоритет и за ЕУ и за нејзините партнери, но Западен Балкан, вели, останува високо на дневниот ред на ЕУ.

-Северна Македонија, како и сите земји од Западен Балкан, презеде брзи и решителни мерки и успеа да ја намали стапката на инфекција и да ја држи смртноста на ниско ниво. Исто како во Германија, политиката и општеството сега започнуваат да размислуваат за стратегии за излез и за опоравување. Се разбира дека ова моментално е приоритет и за целата ЕУ и за нејзините партнери. Но, Западен Балкан е сосема горе на дневниот ред на ЕУ, ова не се празни зборови, туку реалност. На ова место би сакал уште еднаш сосема јасно да нагласам дека земјите од Западен Балкан за ЕУ и за Германија се од највисок приоритет. Обемната поддршка на ЕУ за земјите од Западен Балкан за справување со короната е значаен доказ за тоа: ЕУ само за Северна Македонија дава на располагање 66 милиони евра за покривање на итната потреба во здравствениот сектор, како и 160 милиони евра макрофинансиска помош. Со тоа Самитот испрати силен знак на солидарност. Истовремено се потврди пристапната перспектива на шесте држави од Западен Балкан и ги охрабри да го продолжат започнатиот реформски пат кон членство во ЕУ, истакнува амбасадорот Герберих.

Усогласувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија очекува да започне во јуни, но вели, не е предвидливо кога таа ќе биде финализирана, бидејќи новата методика на проширување мора да се заокружи, а корона кризата ги успорува и тековите во Брисел.

-Работата на преговарачката рамка ќе биде приоритет во досието за проширување и за време на германското претседателство со Советот. Значајно е Владата на Северна Македонија да продолжи со реформите, вели германскиот дипломат.

Во делот на реформите централно значење, додава, ќе имаат оние во областа на владеење на правото, одговорно владеење и демократија. За време на нивното претседателство ќе се посветат и на темата млади, иселување и демографска ситуација во земјите од Западен Балкан за што планираат конференција од висок ранг во Берлин на крајот од октомври, а ќе продолжат со ангажирање за поддршка и на регионалната соработка за што значајна улога има и Берлинскиот процес. На заедничкиот Самит што ќе го организираат Бугарија и Северна Македонија наесен, ќе се фокусираат на напредок во однос на дигиталната агенда, особено во сферата регионална економска соработка.

Целосното интервју на амбасадорот Герберих за МИА прочитајте го ТУКА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.05.2020 - 08:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега