Тетовското семејство се уште се бори за живот - мајката јадела печурки па доејќи го отрула и бебето

Петмина од осумчлено семејство од Тетово кое јадело отровни печурки се во  потешка состојба. Денешните лабораториски резултати им биле лоши, вели за zdravstvo24.mk директорот на Клиниката  за токсикологија д-р Андон Чибишев.

Сите осуммина меѓу кои има и петмесечно бебе кое го затрула мајката преку мајчиното млеко се под постојан надзор на лекарите. Се прават сите напори да се спасат сите затруени од  поширокото тетовско семејство, вели д-р Чибишев.

-Вчера беше изведена активна метода за отстранување на отровите, но денес имаме извесно влошување на лабораториската слика кај 5 пациенти, и веќе е договорено да се изведе и втората активна метода за отстранување на отровите во соработка со колегите од Клиниката за нефрологија, вели д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за Токсикологија.

Бебето е хоспитализирано на Клиниката за детски болести. Другите затруени од поширокото тетовско семејство се на возраст од 23 до 75 години. Во неделата изеле печурки од видот Аманита вироса кои се едни од најотровните, а се слични на шампињоните . Им ги донел роднина. Ги собирал на Шар Планина.
Вчера со возила на Брзата помош во влошена состојба биле донесени на Токсикологија. Според токсиколозите отровот од печурките предизвикува сериозни оштетувања на црниот дроб и бубрезите.

22.10.2013 - 20:47

најчитано сега