Врачена наградата „23 Октомври“ за 2013 година

Во македонското Собрание денеска им беше врачена државната награда „23 Октомври“ за 2013 година во областа на културата и уметноста на оперската певица со светска кариера Ана Дурловски, писателите и преведувачи Џабир Ахмети и Михаил Ренџов и на ликовниот уметник Ставре Димитров-Стадим. 

Наградите ги врачи академик Владо Матевски, претседател на Одборот за доделување на годинашната државна награда, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историско наследство на Република Македонија.

Обраќајки се пред присутните, Матевски рече дека 23 Октомври и формирањето на Македонската револуционерна организација на овој ден пред 120 години е меѓу светите датуми-меѓници во македонската историја и стожерна точка во обединувањето на националниот, интелектуалниот и слободарскиот капацитет на македонскиот народ, изблик на неговиот стремеж за зачувување на посебноста и севкупно издигнување.

Toj додаде дека Организацијата ги поставила вистинските насоки за создавање на македонската држава и дека денешната генерација е одговорна да ги продолжи идеите, рамноправно да се вклучи во глобалниот простор на знаење и во културен натпревар кој, како што рече, е космополитска визија на светот, врежана во меморијата на македонскиот народ.

- Државната награда 23 Октомври е признание со кое се почитуваат и вреднуваат токму тие достигнувања и придонесот на нашите творци во наведените области. Одборот годинава доби 23 одлични иницијативи за кандидати за наградата, но одлучи да им биде доделена на четири извонредни, достојни творци. Годинашните добитници со своето целокупно творештво, убедени сме, тоа сосема го заслужуваат. Тие значајно придонесуваат, секој во својата област, со својот труд, раскошен талент, креативност, професионализам и посветеност, како за сопствената, така и за афирмацијата на својата држава на полето на културата и уметностите, одбележувајќи еден период од развојот на Македонија, истакна Матевски.

Поетот и преведувач Михаил Ренџов се заблагодари во името на наградените, истакнувајќи дека се благословени да ја имаат наградата, но дека таа нема да ги возгордее зашто приложиле само дел од својот креативен живот, за разлика од основачите на Организацијата кои во 1893 се заколнале да го жртвуваат и животот за слободата и вистината.

- Не почестивте со награда која не се заборава. Нам, на наградените, на благословените, ни останува само да ја искажеме нашата благодарност кон македонската држава и кон членовите на Одборот што не одбраа и не почестија нас. Со чисто срце и отворени души им ја изразуваме нашата благодарност, истакна Ренџов.

23.10.2013 - 13:45
Фото: 
mk.wikipedia.org

најчитано сега