Во Њујорк почнува нова рунда преговори за името

Во Њујорк денеска и утре ќе се одржи нова рунда разговори за спорот за името, иницирана од амбасадорот Метју Нимиц.

Според најавите, денеска Нимиц ќе одржи одделни средби со претставниците на двете земји, амбасадорот Зоран Јолевски и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис. Утре наутро, пак, предвидена е заедничка средба во седиштето на Обединетите нации, како и прес-конференција на која ќе се претстават резултатите од разговорите.

Новата рунда разговори се одржува по петтата по ред позитивна препорака на Европската Комисија за отворање на преговори за членство на Македонија во ЕУ, а пред самитот на Европскиот самит во декември и на НАТО кој ќе се одржи во Британија следната година, при што Македонија очекува напредок во своите интеграции, но се стравува дека Грција ќе продолжи со употребата на ветото.

По септемвриската средба на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски со својот грчки колега Евангелос Венизелос, која се одржи во Њујорк, македонскиот министер изјави дека нема напредок во преговорите и дека сеуште постојат планини меѓу ставовите на двете земји.

На средбата во април годинава, амбасадорот Нимиц даде предлог кој потоа, на почетокот на септември, го претстави и при посетата на Македонија и Грција. Но, по овие средби, Грција соопшти дека инсистира на нејзините почетни позиции во спорот, дека секое решение за спорот ќе мора да се применува во сите случаи, според нивната формула ерга омнес.

24.10.2013 - 08:37

најчитано сега