СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ бегаат од дебата за разрешување на собранискиот спикер Вељановски

 

СДСМ денеска уште еднаш потенцираа дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да бегаат од дебата во Собранието за предлогот на СДСМ за разрешување на Трајко Вељаноски.

 

 Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека поднесувањето на ваква Одлука за разрешување на Вељаноски не значи и обврска таа да се стави на дневен ред, само го покажува она што го зборувавме во изминатите 7 години, дека ВМРО-ДПМНЕ е Устав и закон, Собрание и Влада, во оваа држава. И, бидејки тие се против таа одлука, нема да биде ставено на гласање, велат од СДСМ.

 

Опозициската СДСМ уште еднаш ги наведе мотивите за своето барање:  На 17 октомври Вељаноски одби да ја стави на дневен ред Информацијата што ја побараа СДСМ и НСДП, да се расправа за активностите на Владата и институциите, за погазувањето на уставното начело на пресумпција на невиност и злоупотреба на притворот, по партиско-полициски упад во општината Центар, апсењето на претседавачот Шиповиќ и блокадата на општина Центар. Во меѓувреме се случи запрепастувачката казна за новинарот Кежаровски, за којашто реакции има од цел свет што ја дополни целата слика како функционира оваа партиско полициска држава. Истиот овој собраниски претседател кој не дозволи да се расправа за ова, го нареди бруталното исфрлување на новинарите и пратениците од Собранието на 24 декември минатата година. На државен празник собранискиот претседател Трајко Вељаноски одржа скандалозен партиски говор, во којшто ја обвини опозицијата за предавство на државните и национални интереси на РМ. Сега Вељаноски повторно го суспендира системот, велат од партијата.

СДСМ инсистира Вељаноски и ВМРО-ДПМНЕ да го почитуваат Парламентот и собранискиот Деловник и да го стават на дневен ред нашиот предлог - Одлука за разрешување на собранискиот претседател Трајко Вељаноски. 

25.10.2013 - 14:19

најчитано сега