Директорите на средните училишта се согласуваат математика да биде задолжителен предмет на државната матура

Директорите на неколку средни скопски училишта го поддржуваат воведувањето на математиката како трет задолжителен екстерен предмет на државната матура од идната година.

Директорот на гимназијата „Георги Димитров“, Сашо Стојменов, смета дека фондот за математика треба да се зголеми за уште еден час неделно, зашто сега е три часа, додека Ефтим Пејовски, директор на електротехничкото училиште „Михаило Пупин“, рече дека слабите резултати по математика значат дека треба повеќе работа со децата.

- Ако резултатите се слаби, не значи дека треба да се повлекуваме пред проблемот, туку да одговориме на предизвикот, рече Пејовски.

Директорот на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, Драган Арсовски, изјави дека за нивното училиште е добро воведувањето математика за државна матура зашто таму има таква насока: - Минатата година бевме единствено училиште каде немаше пад, туку имаше пораст на ученици што се пријавија да полагаат математка, и од аспект на нашето училиште го поздравувам тоа математиката да биде задолжителен предмет. Можеби треба една година да има пробно за да се види како е. Сметам дека државната матура треба да биде со четири екстерни предмети, од кои два би биле задолжителни, а два изборни, рече Арсовски.

Според директорот на „Васил Антевски-Дрен“ Александар Канурков, каде што економската струка има четири години математика, а правната две, добро е што во средните стручни училишта полагањето треба да биде по втората година.

- Добро е најден начин да се проверат знаењата на учениците и нема да бидат тестирани по математика како во гимназиите каде што се изучува четири години. Овие реформи ќе донесат напредок, особено за стручните училишта, зашто во две години знаењата им се свежи, рече Канурков.

Инаку, во текот на вчерашниот ден. министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, информираше дека од оваа година ќе има измени во полагањето на државната матура, со тоа што математиката ќе биде трет задолжителен екстерен предмет на државната матура од 2014/2015 за гимназијалците, а од 2015/2016 за матурантите во средното стручно образование. Во оваа група како што појасни министерот Ристовски не влегуваат само средношколците од уметнички училишта, бидејќи не го изучуваат тој предмет.

Роковите за државната матура засега остануваат непроменети. Полагањата ќе бидат во јуни и во август за тие што нема да ја положат матурата.

 

05.11.2013 - 15:27
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа