Новиот погон на „Докатекстил“ носи уште 100 нови работни места

Министерот за финансии Зоран Ставрески денеска присуствуваше на отворањето на новиот производствен погон на текстилната компанија „Докатекстил“ лоциран во индустриската зона „Раброво“. Со отворањето на овој погон се заокружи инвестицијата вредна 2,5 милиони евра.

- Пред една година ги отворивме првите погони на „Докатекстил“ и се овозможи вработување на 250 лица. Денеска сме повторно тука за нов погон кој ќе овозможи работа за уште 100 лица, 100 семејства ќе бидат згрижени и ќе можат да имаат подобар живот. Тоа покажува дека напорите на Владата на локално и централно ниво, меѓутоа и добрите инвеститори, резултираат со вистинсики решенија, нови инвестиции и нови работни места, рече Ставрески.

Тој истакна дека Владата помогнала преку одржување ниски даноци, ослободување од даноци на добивка и откуп на земјиштето по едно евро. Локалната власт, рече вицепремиерот, исто така даде поддршка со изградбата на индустриската зона и ослободување од комуналии, но инвеститорот со својата визија и со добрата реализација на инвестицијата беше за нас најзначаен во процесот.

- И натаму ќе им помагаме на приватниот сектор и на инвеститорите да ги остваруваат своите планови, напомена вицепремиерот.

Инвеститорот Тони Пандев изрази благодарност за помошта од централната и локалната власт без кои, како што истакна, ова немаше да се случи. Тој рече дека ќе продолжи да инвестира во едукација на вработените и во модернизирање на опремата.

- Ова го потврдува фактот дека индустриската зона Раброво е капитален проект на општината која моментно се бори со невработеноста и дека „Докатекстил“ во позитивна смисла дава голем придонес во борбата за подобра иднина на Валандово, рече градоначалникот Николче Чурлиновски. 

09.11.2013 - 15:20
Фото: 
vmro-dpmne.org.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа