Компаниите бараат долгорочни кредити за капитални инвестиции

Пониски камати и долгорочни кредити за капитални инвестиции, се клучните барања на компаниите кои денеска во Стопанската комора му беа предочени на гувернерот Димитар Богов.

- Ако сте притиснати да го вратите кредитот за максимум седум години, ќе ја изгубите флексибилноста, кеш портфолиото, обртните средства. Сте вложиле, но инвестицијата ќе почне да ви се исплаќа дури кога ќе го вратите кредитот, по седум години, а дотогаш ќе застари технологијата, рече стопанственикот Горан Рафајловски.

Освен каматите, како што нагласи бизнисменот Шефки Алити, на фирмите голем проблем им се и високите провизии: - Во однос на соседните држави, Косово, Бугарија и Албанија, имаме највисоки каматни стапки за кредитите, но и највисоки провизии. Народната банка треба да делува кај банките да ги ревидираат каматите и провизиите за да живнат малите и средните претпријатија.

Гувернерот подвлече дека намалувањето на каматите е можно само ако се намали цената на изворите на финансирање на банките.

- Каматните стапки што моментно ги нудат банките се историски најниски, околу седум отсто, но во споредба со другите земји, бројката е повисока. Во овој сегмент, многу важен фактор се изворите на средства што банките ги користат. Ако тие обезбедуваат пари со пониски камати, така и ќе ги пласираат, истакна Богов.

Економски раст од 3,7 отсто, инфлација до максимум 2,3 процента, намалување на трговскиот дефицит, зголемување на девизните резерви, на странските побарувања и на директните инвестиции, се предвидувањата на НБРМ за идната година. Банката е резервирана околу евентуалното зголемување на кредитниот раст.

- Ние работиме со наш модел, конкретен, многу подетален од оној што го користи Европа кој веројатно е регионален, рече гувернерот Димитар Богов. 

11.11.2013 - 13:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа