Цариниците со полни раце работа - запленети облека, часовници, ловечки кучиња, девизи

Цариниците во текот на викендот и минатата недела со полни раце работа. Спречени се повеќе обиди за шверц на девизи, непријавена стока и фалсификати. Запленети се 56 илјади евра, 11.185 турски лири, 4225 парчиња облека, 1800 кг.лимони, 77 часовници, 33 тоалтени води, 1056кг. маслинки, 643 парчиња стока наменета за опремување на спални соби, 80 парчиња прекривки за маси, 146 парчиња авто делови, 1 електромотор и 3 ловечки кучиња.

Овластени лица пред три дена извршија претрес во куќа во Скопје каде се пронајдени  вкупно 1279 парчиња женска облека и обувки од италијански брендови. Стоката во Македонија ја внел странски државјанин, а требала да заврши надвор од нашите граници. 

Специјалните царински единици при Царинска управа во 5 одвоени случаи запленија 49.500 евра, 11.185 турски лири, 540 парчиња облека, 1800 кг. лимони, , 1215 парчиња сијалици. 

Во Скопје, при претрес на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки управувано од лицето Љ.А. се пронајдени 540 парчиња текстил – јакни, блузи, фармерки, тренерки, без документација вредни 115.980 денари, додека во Царинска испостава Тетово во товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, натоварено со стока од Турција наменета за фирма увозник од Гостивар,  пронајдени се 1215 сијалици со лого на заштитена трговска марка  вредни 92 илјади денари. При контрола на возило на патот Струга-Ќафасан извршен е преглед на автобус со турски регистарски ознаки  во сопственост на фирмата од Македонија, а управуван од лицето М.И. , каде се пронајдени празни пластични туби за нафта, позади кои била забележана пластична канта за отпад во чија внатрешност е пронајдена најлонска кеса со 41.500 евра и 11.185 турски лири во различни апоени., а исто така и на Табановце, при контрола на патничко возило марка Мерцедес со тетовски регистарски ознаки управувано од лицето Т.И.кој патувал заедно со својата сопруга. По извршен претрес, во личниот багаж на пријавениот откриени се непријавени 12 илјади евра. 

На граничен премин Богородица во четири одвоени случаи привремено задржани се 77 рачни часовници, 33 тоалетни води, 643 парчиња стока наменета за опремување на спални соби, 151 парчиња облека и 80 парчиња прекривки за маси.

Во автомобил со унгарска регистрација, пронајдени се непријавени 77 рачни часовници и 33 тоалетни води сите со лого на заштитени трговски марки, вредни  5.675.000 денари. Исто така и во возило со турски регистарски ознаки откриени се 80 прекривки за маса со лого на заштитена трговска марка за кои постои сомневање дека се фалсификат.

Како резултат на соработка помеѓу царинските службеници и полицијата на граничниот премин и граничен надзор Стар Дојран, спречен е обид за нелегално преминување на границата надвор од граничниот премин Дојран, од страна на македонски државјанин, кој имал за цел да пренесе 3  ловечки кучиња раса „Посавски гонич“. Прекршителот немал никакви документи за кучињата, ниту пак ветеринарен сертификат за нивната здравствена состојба, а се претпоставува дека намерата му била да ги продаде во Грција. Продажната вредност на кучињата би изнесувала 64.500 денари.

По еден случај на непријавена стока е откриен на граничен премин Ново Село и на Царинска испостава Гевгелија

- На 04.11.2013 на граничен премин Ново Село во минибус со бугарски регистарски таблици,  кој сообраќал на релација Софија- Струмица- Софија, кај бугарски државјанин пронајденисе 217 парчиња облека – машки и женски блузи, пижами, долен веш, детски тренерки и марами со вредност до 35.280денари, избегнати царински давачки се во износ до 13.636 денари.

- На 05.11.2013 година, на Царинска испостава Гевгелија за увозно царинење се пријави фирма увозник од Гевгелија, за стока со потекло од Грција натоварена во товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки.При преглед на стоката утврдено е дека увозникот со царинската декларација не ја опфатил сета стока која би требало да се стави во царинска постапка, односно, откриени се непријавени 1.056 кгр маслинки Мамоутх 101-110, со што се избегнати  царински давачки во износ од 18.300  денари. Доколку би се продале во малопродажба со цена од 300 денари за килограм би се остварил добивка од 201.600 денари. При контролата  установена е уште една неправилност на декларираната стока,  утврдено дека во фактура наведените 235 пакувања од по 5 кг со маслинки Цолосал 121-140 не се пронајдени на лице место туку станува збор за маслинки Блацк оливес 141-160, според што повторно се избегнати царински давачки со вредност од  500 денари.

На Царинска испостава Аеродром откриени се два  случаи на непријавена стока и тоа еден на патнички промет при што задржани се 146 парчиња авто делови и еден случај на отсек за стоково царинење каде е задржан еден електромотор.

- На 07.11.2013 на Аеродром Александар Велики, кај косовски државјанин Ф.Е. пријавен за влез во државата, откриени се 146 парчиња непријавени авто делови со вредност од 75.669 денари, при што избегнати се царински давачки во износ од 18.658 денари.

- На 06.11.2013 на ЦИ Аеродром Скопје– отсек за стоково царинење при преглед на стока со потекло од Турција,пријавена за увоз од фирма од Виница, царинските службеници открија непријавена стока – еден електромотор со вредност од 330 американски долари, при што се избегнати царински давачки во износ од 4.423 денари.

На граничен премин Табановце спречен е нелегален обид за изнесување на 6.500 евра

- На 06.11.2013 за излез од Македонија пријавено е патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки управувано од српски државјанин со иницијали М.О. На прашање на цариниците дали има нешто да пријави изјавил дека носи со себе 10 илјади евра, но при извршена контрола од царинските службеници пронајдени се уште 6.500 евра за кои лицето не поседувал никаков доказ за потекло. Согласно законот за девизно работење, непријавените 6.500 евра привремено се задржани.

Во сите случаи на откриена непријавена стока, стоката пивремено е задржана, а против сторителите поведена е соодветна постапка. Додека пак кај случаите каде постои сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост стоката е привремено задржана до утврдување на нејзината оригиналност, согласно Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост.

11.11.2013 - 13:36
Фото: 
Канал5

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа