СДСМ: Предлог буџетот за 2014 ќе ги зголеми само задолжувањето и трошењето на власта

СДСМ денеска на прес-конференција истакна дека наспроти кажувањата на Владата дека догодина ќе настапи подобрување во економијата, според Предлог буџетот за 2014 година, единствените три нешта коишто навистина ќе продолжат да растат се: задолжувањето, бројот на прекршочни казни и раскалашеното (непотребно) трошење на власта!

- Бидејќи, согласно податоците во Предлог буџетот за 2014 година, оваа влада нема никаква намера да се откаже од само за неа „идеалниот“ економски модел на владеење. Тоа е моделот на владата на премиерот Никола Груевски кој всушност е себичен и кукавички. Себичен затоа што е корисен само за врвот на власта. Кукавички затоа што не се презема ниедна од тешките и „болни“ структурни реформи поради страв од непопуларност. Но, тие реформи се, едновремено, неопходни ако сакаме да имаме економски прогрес.

 Ќе посочиме неколку аспекти од Предлог буџетот за 2014 година кои го доведуваат во прашање кредибилитетот на оваа власт во делот на економските предвидувања и проекциите кои се од исклучителна важност за движењето на целата македонска економија, велат од СДСМ.

   Предлог буџетот за 2014 година се темели на претпоставката дека растот на македонската економија во 2014 година ќе изнесува 3,2%. Преведено, тоа значи дека граѓаните и фирмите не треба да имаат позитивни очекувања за идната година, односно дека ќе биде нешто слично на 2013. Еве зошто го говориме тоа:

Правилото во економијата вели: реалната стапка на пораст = номиналната стапка минус инфлација. Ако е тоа така, тогаш: дали предвидениот пораст на БДП (од 3,2%) е реална или номинална стапка на пораст? Не е сеедно бидејќи, ако 3,2 е реална стапка, при инфлација од 3,3%, номиналната стапка на пораст на БДП треба да изнесува 5,5%. Но, тоа владата не го кажува. А ако стапката од 3,2% е номинална стапка, тогаш реалната ќе изнесува минус 0,1%!! Значи – апатија.

Понатаму, предвидената номинална стапка на пораст на просечната плата во висина од 2,4%, при предвидена инфлација од 3,3%, значи дека реалната стапка на пораст на платите – таа е онаа која го определува вистинското зголемување на куповната моќ на населението – ќе изнесува минус 0,9%!. Тоа значи дека е проектирано (натамошно) осиромашување на граѓаните!

  Предвидената стапка на пораст на БДП од 3,2%, владата ја темели на претпоставката дека „Еврозоната ќе оствари позитивни стапки на раст...“. Притоа, во Предлог буџетот владата воопшто не ја искажува во бројки предвидената стапка на раст во Еврозоната – колкав ќе биде тој раст?

Народната банка на РМ, во својот последен извештај, за догодина предвидува пораст на странската побарувачка, што е истото со позитивни стапки на раст во Еврозоната. Но, во ова предвидување на Народна банка се зборува за пораст под 1%.

Е сега, не е прашањето зошто Народна банка наведува, а владата не наведува колкав ќе биде тој раст. Клучно е дека прогнозата на владата дека македонската економија ќе има пораст од 3.2 проценти заради економски пораст на Еврозоната е многу несигурна основа за да се проектира стапката на пораст на Македонија. 

 Овој недостаток може да се забележи и кај други предвидувања.  За догодина на пример владата предвидува пораст на индустриското производство за 3,8%, повторно заради предвидениот пораст на странската побарувачка. Но, ни тука не постои јасна поврзаност, повторно само „предвидување од око“.

 За земјоделието се предвидува раст од 3%, но кај земјоделието се предвидува пораст и на субвенциите. Така, се појавуваат два апсурди. Првиот апсурд, без било каква анализа на ефикасноста на досегашното субвенционирање на земјоделието, паушално се планира пораст на субвенциите (станува збор за непродуктивно трошење);

И второ, тоа значи земјоделието, дури и со огромни субвенции, ќе расте помалку од индустриското производство? Која проекција на владата е погрешна? И двете?

 Градежништвото треба да има највисок раст од 5%, врз основа на инвестиции во инфраструктурата и во Технолошко индустриските разавојни зони. Минатата година предвидувањето на владата беше 3,5% раст, базирано на инвестициите во проектот „Скопје 2014“. Дали може да се заклучи дека овогодишната проектирана стапка на пораст на градежништвото е паушална? Бидејќи, ја нема основата, нема на повидок зделки за извоз на градежни услуги во странство; населението нема (и ќе нема) платежно способна побарувачка; стопанството нема кондиција за поголеми инвестиции во градежни објекти.

 За догодина се предвидува пораст на извозот на стоки и услуги со стапка од 6,2%, и тоа исклучиво заради проширување на постоечките капацитети во ТИРЗ-овите, и пораст на увозот за 5.6%. Тоа е потополно нереално предвидување, заради увозната зависност на извозот. Ако извозот навистина расте, заради неговата производна структура, увозот ќе расте уште побрзо. Тоа исто така значи дека, ако во наредната година расте извозот, и дефицитот на надворешно-трговскиот биланс ќе биде повисок, а тоа треба да се има во предвид при проекциите.

 Конечно, како многу битен создавач на предвидениот раст за наредната година се сметаат и бруто инвестициите, за кои се очекува да растат со стапка од 7,5%. Притоа, соодветен придонес за тоа треба да дадат и јавните капитални инвестиции и приватните инвестиции, посебно во ТИРЗ-овите. Но, како ќе растат домашните приватни инвестиции доволно повеќе од оваа година, за да се постигне тој предвиден раст? Како, кога фирмите се истоштени, немаат сопствени средства за инвестиции? Како кога може да се очекува само умерен пораст на побарувачката за македонски производи од странство?

 Значи, како потенцијални остануваат уште јавните капитални инвестиции, од буџетот, но за тоа ќе зборуваме понатаму.

Во однос на проекциите во Предлог буџетот за 2014 година, за наредната година владата нема проекција на порастот на странските директни инвестиции изразена со бројки!! Содржано е само вербално наговестување дека, наводно, се очекува пораст на странските инвестиции...

 После толку пари потрошени по „road-shows“, ова е вистински срам за владата на Груевски и Ставревски. Особено бидејќи сме сведоци на постојани фалби од страна на власта за инвестиции во најава, за транспарентна и отчетна влада. Па каде се тие најавени инвестиции во проекцијата? И каде е транспарентноста?

 Исто така, дали тоа отсуство на бројки значи дека владата, после упорно промашување во проекциите на странските директни инвестиции, сега одлучила дека нема да се срами да проектира? Ако е така, тогаш станува збор за целосно отсуство на кредибилитет на владата – а тоа е чисто политикантство!!!

 

 

11.11.2013 - 15:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега