На 12 декември официјално отворање на Capitol Mall & Residence во скопски Аеродром

Новиот трговски и резиденцијален комплекс Capitol Mall & Residence, најави официјално отворање на 12 декември, 2013 година.

Лоциран во срцето на Скопје, во населбата Аеродром, Capitol Mall & Residence се простира на вкупна изградена површина од 33.500 м2. Од нив, 12.500 м2 се наменети на шопинг центарот сместен на првите четири нивоа, а 6.000 м2 се одвоени за резиденцијалниот дел на горните четири катови. Паркинг просторот е на три нивоа под земја, со вкупна површина од 15.000 м2.

- Шопинг центарот Capitol Mall е составен од 62 локали, со идеален бленд на различни интернационални, регионални и локални брендови. Мисијата на инвеститорот беше да се организираат различни содржини за различни афинитети, кои несомнено ќе му дадат дополнителна вредност не само на шопинг центарот, туку, воопшто, на Аеродром и на Скопје. Доколку се тематизира просторот, тоа би значело дека тој е поделен во неколку сегменти како што се мега супермаркет и шопинг ареал, следува делот за забава и рекреација, потоа кафулиња, ресторан и неколку фаст-фуд локали и, секако, она на што сме особено горди, детскиот центар на околу 1.200 м2, еден од најголемите и најразновидните по содржина во регионот, - велат одговорните во Капитол Мол.

На приземјето, Шопинг центарот нуди голем Рамстор супермаркет – конципиран по најсовремените светски трендови во оваа област, потоа два кафе-бара со уредени тераси, менувачница и брз трансфер на пари, аптека, оптика, цвеќарница, продавница за органска храна, продавница за модни додатоци, телекомуникациски услуги, инфо центар, но и неколку продавници со реномирани интернационални модни брендови кои за прв пат доаѓаат на македонскиот пазар. Првиот кат има дополнителна разновидна понуда на познати модни марки. Вториот кат е наменет за облека и за играчки за деца, потоа мега продавница за спортска опрема, како и за новата понуда во интегрираното шопинг искуство – современиот финтес центар. Третиот кат е повторно резервиран за најмладите – за детскиот центар. Но, исто така, ова е и катот на хедонизмот - гастрономско патување со интернационалните и локалните вкусови, зачинет со прекрасен поглед на Скопје.

Capitol Mall располага со свој бесплатен паркинг на три нивоа, со 450 паркинг места, како и со бесплатен Wi-Fi / интернет пристап низ целиот комплекс.

Резиденцијалниот дел или Capitol Residence, е организаран така што секој кат содржи 20 одделни станбени единици, освен на седмиот кат, каде што има 12 станови, или вкупно 72 единици за домување, со бруто квадратури од 71 м2 до 128 м2. Во резиденцијалниот дел, влезот е засебно организиран од двете страни на комплексот (источен и западен влез), со одделни лифтови. Во планирањето, дизајнирањето и употребата на градежните материјали, е фокусирано огромно внимание на секој детал, што овој модел го прави уникатен и по форма и по содржина. Двата блока се импресивни со својата елеганција и со стилот. Ако на ова се додаде и ексклузивно дизајнираното лоби, како и 24/7 видео надзор и обезбедување, несомнено е дека Capitol Residence нуди комплетно нова димензија во домувањето во главниот град.

- Од проектот, преку супериорната архитектоника, до изведбата и употребата на материјалите за градба, нема дилеми дека комплексот Capitol Mall & Residenceќе биде една од современите лендмарк точки на Скопје. Идејата беше да понудиме поразличен, поинаков концепт, топла атмосфера и пријателски амбиент, едноставно – простор на добри вибрации. Дополнително, овој простор ќе го оплеменуваме и со доза култура и уметност, за да го комплетираме чувството на ненаметливо и пријатно поминато урбано време, - нагласуваат во Capitol Mall.

 

Инвестицијата за Capitol Mall & Residenceе вредна 30 милиони евра. Тоа е домашна, македонска инвестиција, поддржана од домашните банки. На изградбата на објектот беа вработени преку 250  работници, од преку 50 компании (изведувачи и подизведувачи), повечето од земјава и неколку од странство. Со отворањето на Capitol Mall & Residence, воедно, се отвораат и преку 500 нови работни места од повеќе индустрии.

14.11.2013 - 12:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа