Пет милиони евра за македонските претпријатија од ЕБОР преку Охридска банка

Пет милиони евра ќе бидат достапни за македонските претпријатија од ЕБОР кои ќе ги пласира Охридска Банка.

- Ова е прв пат една македонска банка да добие средства од оваа програма, која нуди и  техничка помош за покривање на дел од правните трошоци и консултантски услуги, стои во соопштението.

Програмата ќе овозможи на Охридска банка да ги задоволи потребите на постоечките и идни клиенти, за поголеми износи на кредити и подолг рок, потпирајќи се на капацитетите за кофинансирање од страна на ЕБОР.

- Ни претставува задоволство да го потпишеме овој договор со Охридска банка денеска, бидејќи тој се надоградува на нашите постоечки силни деловни врски, кои сме среќни и понатаму да ги продлабочуваме. Покрај поддршката за развој и раст на Охридска банка, нашето финансирање ќе овозможи и поттикнување на локалната економија, осврнувајќи се на клучните предизвици, како што е пристапот до финансирање и споделување на ризици, истакна претставникот на ЕБОР во Македонија Елена Урумовска.

Од почетокот на работењето во Македонија, ЕБОР има инвестирано околу 1.1 милијарди евра во земјата, во над 80 проекти во корпоративниот, енергетскиот, инфраструктурниот сектор и во финансиските институции.

најчитано сега