Јанакиески: Продажба и закуп на државен деловен простор по електронски пат

 

Деловниот простор во државна сопственост ќе се продава и дава под закуп преку електронска аукција. Новото софтверско решение изготвено за таа намена го презентира денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, истакнувајќи дека системот овозможува целиот циклус од аплицирање до продажба или издавање под закуп на деловниот простор да се врши по електронски пат.

За продажба и издавање под закуп на деловниот простор институциите треба да добијат одобрување од Владата.

Министерот за транспорт појасни дека електронското јавно наддавање ќе трае најмалку 15 минути и ќе се продолжува за две минути секогаш кога во последните две минути од наддавањето ќе има нова понуда. За да можат да наддаваат заинтересираните треба да бидат најавени на системот во тек на јавното наддавање. Секој учесник во наддавањето ќе ги гледа сите понуди, но со кодирани имиња на другите наддавачи. Процесот ќе заврши кога во последните две минути од наддавањето ќе нема нова понуда.

- Придобивките од воведувањето на електронскиот систем се повеќекратни и за граѓаните и за институциите. Ќе се засили транспарентноста, се поедноставува добивањето информации и нотификации за целиот тек на продажба и издавање под закуп на деловен простор, а се обезбедува и анонимност на учесниците во електронската аукција во тек на наддавањето, појасни Јанакиески.

- Со ова ќе се зголеми ефикасноста во работењето и ќе се подобри контролата на целиот процес, истакна министерот за транспорт. 

ФОТО:Влада