Ставрески: СДСМ имаше можност но ништо не направи

Програмата е водилка по која работиме и која ја реализираме за да го подобриме животот на граѓаните.  Не верувајте им на политичарите само на зборовите, верувајте им на делата. Врз основа на тоа дајте го својот глас.  Фактот дека седум пати по ред ја добиваме довербата покажа дека граѓаните се помудри од сите политичари заедно.

Ова вечерва пред граѓаните на Илинден го истакна министерот за финасии и вицепремиер Зоран Ставрески, споредувајќи ја програмата на ВМРО-ДПМНЕ, со она што СДСМ сега го нуди како мерки и предлози.

-Конкурентите останаа на истото ниво.  Лидерот на опозицијата, но и други членови на раководството излегуваат со различни предлози,  секој си кажува што ќе му текне зависно од инспирациите. Еден ден Зоран Заев ветува минимална плата од 450 евра, а следниот ден Радмила Шекеринска вели 10.000 денари, голема е разликата. Тешко е да се сфати кој што предлага, вели Ставрекси.

Тој нагласи дека тоа кажува несериозност на проектите кои се нудат и покажува  дека се тотално нереални и нема да се реализираат.

-Лицитираат за да купат гласови, но не кажуваат од кај ќе обезбедат средства и колку средства со потребни.  Заев не кажа од каде ќе се обезбедат 130 милиони евра за поврат на ДДВ. Голема е веројатноста наместо толку, повисоки приходи да има 50 или 80 милиони евра, што е со остатокот. Значи дека во буџетот ќе недостасуваат  и ќе значи дека тој месец ќе нема пари за пензии, за плати, за патишта. Не може да се предлага нешто без да кажеш колку чини и од каде ќе се обезбедат средствата. Лесно е кога си опозицијата да лицитираш, но во пракса кога имаа можност, ништо не направија, рече Ставрески.

Во однос на субвенциите, Ставрески рече дека не може да им се верува на ветувањата на СДСМ, бидејќи некој кој дал 5 милиони евра, сега одеднаш ветува дека ќе даде 200 или 300.

-Не критикуваа за субвенциите.  Дојде време сега дека двојно повеќе ќе давале. Некој кој дал 5 милиони евра, сега одеднаш ќе даде 200 милиони евра или можеби 300. ВМРО-ДПМНЕ во овие 7 години даде 600 милиони евра за субвенции, СДСМ има 5. Сега ветуваат дупло повеќе, кој може да им верува на тоа, запраша Ставрески.

Тој нагласи дека некои луѓе не  ја научиле лекцијата од минатото, која вели дека  не можеш во континуитет да лажеш и во континуитет некој да ти верува. Граѓаните бараат отчетност, сериозна програма, пресметани проекти.

-Буџетот за 2014 ќе донесе повисок развој, подобри економски времиња. Минатата година опозицијата правеше опструкции, нивната реторика беше ако се усвои буџетот, ќе има банкрот, нема да има пензии, нема да има субвенции и слично. Еве поминаа 10 месеци, се донесе буџетот, и со тој буџет Македонија успеа да оствари четврти најдобар резултат во Европа од 3,2 отсто.  27 земји во Европа имаат понизок раст. Дали се остварија нивните предвидувања, дали субвенциите се исплатија, дали пензиите се покачија, дали имаше пари за патишта, се што кажавме го исполнивме, нагласи Ставрески.

Тој потенцираше дека ниедна земја од ЈИЕ не е подобра рангирана од Македонија за водење бизнис.

-Илинден е пример за општина како една од најпривлечните за инвеститорите и видовме поголем број на инвестиции. Можете да ги видите резултатите. Како што во Бунарџик се отвараа фабрики, така и во Илинден се отвораа фабрики, кои помогнаа да се отворат работни места.  Ќе продолжиме со таквата политика, секоја нова фабрика значи подобар живот за граѓаните, рече Ставрески.

Тој нагласи дека со новиот буџет  предвидено е рекордно ниво за капитални инвестиции, за изградба на патишта, за железнички објекти, за болници, се она што може да го подобри животот на граѓаните.

-Следната година можеме да ја окарактеризираме како година на изградба на патишта. Миладиновци- Штип се очекува да ја препороди источна Македонија. Вториот автопат Кичево-Охрид е од витално значење, третиот е интензивирање на градбата на Коридорот 10, Демир-Капија-Смоквица.  Тоа значи 132 километри патишта, ангажман на македонски фирми, македонски работници. Тоа ќе ја раздвижи економијата, рече Ставрески.

Пред жителите на Илинден свое обраќање имаа и заменик-министерот за земјоделство, Зоран Коњановски и пратеникот Влатко Ѓорчев.  

 

 

21.11.2013 - 22:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега