Денеска средба Груевски - Ван Ромпуј

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска ќе престојува во еднодневна работа на Брисел при што ќе има средба со претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј. Како што јави МИА, десет дена пред Самитот на Советот, Груевски ќе се сретне со челникот на Европската унија со цел да се влијае за можно прифаќање на петтата последователна препорака на Европската комисија за Македонија да ги почне преговорите за члеснтво во Унијата.

Како што сега стојат работите, заклучокот за Македонија ќе биде договорен на 17-ти декември на состанокот меѓу министрите за надворешни работи на Советот за општи работи (ГАК) на Европската унија. Засега, на пониските работни групи на Советот, по инсистирање на Грција, договорено е за македонската евроинтегративна иднина да се донесе сличен заклучок како во 2009 година, кога беше забележано дека “Советот ја нотира препораката за отворање на преговорите со земјата, но на ова прашање ќе се врати за време на следното претседателство”. Шансите се мали и шефовите на дипломатиите да договорат нешто повеќе.

Покрај средбата со Ван Ромпуј, Груевски в понеделник ќе има настап и на форумот во организација на европската канцеларија на германската невладина организација “Конрад Аденауер”, средба со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, како и посета на Универзитетската клиника во градот Лувен.

09.12.2013 - 10:06
Фото: 
Утрински

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега