Ердоган ги разгневи Грците

Историски и географски референци за област со силно историско значење, како што е Балканот, секогаш мора да се прават многу внимателно, изјави денеска портпаролот на грчкото МНР Константин Кутрас во одговор на изјавите на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Кесан, откако тој изјави дека Тракија е од особено значење за него и неговата Влада.

- Тракија има посебна важност и значење за нас. Тракија во исто време е Солун, Комотини, Ксанти, Делиорман, Вардар, Карџали, и ако ние одиме уште поназад во времето, Тракија во исто време е Скопје, Призрен, Сараево, рече Ердоган.

Оваа изјава на турскиот премиер предизвика бура реакции во Грција, а медиумите ја нарекоа предизвикувачка, опасна и уште една закана од страна на Турција.

Грчкото МНР во реакцијата истакна дека „денес единствен критериум е почитување на меѓународните закони и правилата со кои се регулираат добрососедски односи, кои се базираат на почитување на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на сите земји во регионот“.

10.12.2013 - 13:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа