ВИДЕО: СДСМ пак по старо

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 74. седница не го прифати Предлог-законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост, поднесен од опозицијата.

Поради неизгласување на Предлог-законот, пратениците од опозицијата ја напуштија собраниската седница.

Според опозицијата, со предложеното законско решение ќе се реши статусот на стечајните работници кои, како што наведоа пратениците, ги немаат основните услови за егзистенција. Ги повикаа пратениците од парламентарното мнозинство да гласаат за предлогот и да покажат дека се грижат за граѓаните и за почитување на Уставот и законите.

Јани Макрадули од СДСМ рече дека законот е добар, праведен и чесен и оти е наменет за луѓето на кои извршителите им тропааат на врата. Обвини дека власта троши пари за изградба на споменици, фонтани и театри, наместо тие средства да ги искористи за решавање на статусот на овие работници.

Фламуре Демири - Креци од Национална демократска преродба побара од партиите да заборават на соборањето партиски поени и еднаш засекогаш да се реши статусот на оваа категорија на граѓани. - Да им дадеме можност барем да ги покријат основните потреби и нивните месечни расходи, рече Демири-Креци.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ потсети дека со законот од 2008 година биле опфатени сите со навршен стаж над 25 години во претпријатија кои од 2000 до 2004 година биле со државен капитал и оти тие луѓе сега добиваат по 34 проценти од просечната плата како надоместок.

Посочи дека од 2006 досега отворени се 108 илјади работни места од кои 4.210 преку мерките за вработување на Агенцијата за вработување од кои со дел се стимулира вработувањето и на оваа категорија на луѓе.

Со законот предлагачите бараа да им се реши статусот на лицата кои останале без работа по основ на прогласување на стечај, ликвидација или технолошки вишок во претпријатијата во кои работеле, а чиј број е околу 6.000. Се предвидуваше надомест од околу 6.000 денари месечно да добиваат лицата што имале над 15 години работен стаж и 50 години старост за жени и 53 години за мажи во моментот на прогласување за технолошки вишок.

Напуштањето на седницата од страна на пратениците на СДСМ е веќе видено сценарио. Опозицијата предводена од оваа партија само во последните неколку години има двоцифрен број на напуштени собраниски седници.

ВИДЕО: Бриф

11.12.2013 - 16:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега