Захариев се пофали со 140 проекти во Штип

Штипскиот градоначалник Илчо Захариев денеска даде отчет за сработеното во изминатите 6 месеци, посочувајќи дека се завршени 140 проекти.

Во делот на патната инфраструктура, со поддршка на Владата и на ЈП за Државни патишта направен е патот до Мантова, езеро кое се наоѓа на 20 километри од Штип, долг околу 5 километри. Завршен е патот од селото Три чешми до аеродромот Сушево, како и булеварот „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ во должина од 2 километри.

Завршени се  двата крака кон селото Љуботен во должина од два километри како и десетина улици во градот, меѓу кои, „Михајло Апостолски“, „Браќа Миладиновци“, главната улица према Исарот, улица „Косовска„, голем број на мали улици во населбата Три Чешми, во населбата Баби, во централното градско подрачје.

 - Во делот на образованието, инвестиравме многу со несебична поддршка на Министерството за образование и наука. Комплетно го реконструиравме училиштето во населбата Македонка кое е старо повеќе од 50 години. Децата добија модерно училиште, идеални услови за школување, а наставниците одлични услови за одржување на наставниот процес. Направивме сосема ново училиште во село Шашаварлија, а инвестиравме во училниците во основното училиште Славејко Арсов, како и во другите училишта во градот, истакна Захариев.

Нагласи дека  населбата Стар Караорман доби нов водовод со вода од градскиот водовод. Изградена е нова канализација во село Чадаклија и во населба Балканска како и реконструирани  и обновени водоводите во неколку села како што се Лакавица и селото Судик.

Захариев се осврна на изградените спортски комплекси, при што истакна дека се изградени над 10 игралишта за кошарка и фудбал. Посочи дека моментално со Фудбалската федерација на Македонија заедно го работат стадионот кој се наоѓа во населбата Бело брдо, односно во населбата Леваци, кое ќе биде завршено на пролет.

- Во руралниот развој сите села ги добија сите оние проекти кои ги бараа, поконкретно во селото Судик, каде е изграденае селска чешма и плоштад.  Во село Селце каде живее мешано население од македонска и турска националност, направени се четири чешми, мини плоштад и водопоила за животните, кажа градоначалникот.

Нагласи дека во централното градско подрачје се обнавени фасадите  на скоро сите згради. Во соработка со ректортатот на Универзитетот Гоце Делчев, се уредува патот и просторот пред новиот ректорат, нов паркинг простор пред ректоратот. Се гради ново спортско игралиште, а се уредува и просторот кај јаворот каде е роден Тодор Александров и многу значајни личности во нашата историја, како и уредување на улицата Крсте Миусирков.

- Посебно морам да нагласам дека нема населба во Штип во која во овој момент не се инвестира, не се гради. Ние не застануваме затоа што иако програмата ни беше доста амбициозна, ние покажавме дека со самопрегорност, со посветеност и работливост и со минимални средства можеме да направиме многу за граѓаните на Штип, рече Захариев.

Градоначалникот посочи дека во наредиот период се очекуваат големи проекти како што е изградба на патишта до село Горачино, до село Пувче каде тендерите се веќе завршени, пат до Суво Грло, обнова на улиците во село Мисковица, во 2014 ќе се направат улици во село Чардаклија, нови тротоари и поврзување со водоводнниот систем на неколку населби во Штип,

- Во изработка сме на нова урбанистичка документација, посебно генералниот урбанистички план кој треба да донесе нова развојна компонента за Штип кој треба да донесе реализирање на нови проекти.

Захариев очекува сите тие проекти да донесат бенефит во во Штип.

12.12.2013 - 15:11
Фото: 
Кајгана

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега