Владата по трет пат ги повикува социјалните случаи да се јават за користење земјоделско земјиште

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави втор јавен повик за давање на над 731 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на корисници на социјална помош.

Повикот се однесува на 21 регион и тоа за Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Гоостивар, Гевгелија, Дебар, Делчево и Демир Хисар.

На повикот, како што информира ресорното Министерство, можат да аплицираат и корисници на социјална помош од регионите Кочани, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струга, Струмица, Пробиштип, Ресен, како и од Велес, Штип и скопските општини Гази Баба и Чаир.

Најголем дел од земјиштето, односно скоро 274 хектари е во Струмичко, над 95 хектари во Кратовско, 92 хектари во Дебар и повеќе од 75 хектари во Валандовско. Во Пробиштип се огласени скоро 61 хектари, а во Кавадарци приближно 40 хектари.

Земјиштето се издава на плодоуживање во времетраење од пет години. Во зависност од тоа дали површината е под систем за наводнување или не, земјиштето може да се додели на плодоуживање најмногу до четири хектари ако е во систем за наводнување, односно до осум хектари ако е надвор од систем за наводнување.

- За одгледување на житни, фуражни и индустриски култури, поединец – плодоуживател може да му се доделат најмногу 4 хектари во систем за наводнување, а за здружени двајца плодоуживатели до 8 хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување. За производство на градинарски култури, поединец плодоуживател може да добие најмногу 0,6 хектари државно земјоделско земјиште кое е во систем за наводнување, а здружени двајца плодоуживатели максимум 1,2 хектари во систем за наводнување, појаснуваат од Министерството.

Корисниците на оваа програма по добивањето на земјоделското земјиште, ќе имаат право да користат и финансиска  помош за отпочнување на земјоделската дејност и тоа на оние кои ќе одгледуваат житни, фуражни и индустриски култури им следува еднократна парична помош од 20 илјади денари по хектар, но не повеќе од 120 илјади денари, а на одгледувачите на градинарски култури 55 илјади  денари за хектар.

Покрај оваа помош, на корисникот на плодоуживањето за првата и втората година на плодоуживањето месечно ќе му се исплаќа надоместок во висина од социјалната помош што ја земал дотогаш, исплата на придонеси за пензиско инвалидско осигурување и здравставено осигурување и исплата на надоместок за регистрација во регистарот на индивидуални земјоделци. Веќе во третата година нема да биде корисник на овие мерки.

Барањето за учество на јавниот повик може да се подигне во подрачните единици на Министерството за земјоделство и потоа со потребните податоци и документи да се достави до Министерството во рок од 30 дена од објавувањето на повикот во дневниот печат.

Дополнителни информации понудувачите може да добијат на телефонскиот број 02/313-44-77 или да ги посетат веб страните на министерствата за земјоделство и за труд и социјална политика www.mzsv.gov.mk иwww.mtsp.gov.мk