Заев:24 декември нема да се повтори!

Со маички со натпис „Слобода“ и знамиња спружени од собраниските прозорци, опозициските пратеници и раководството предводено до Заев го одбележаа 24 декември , денот на кој лани дојде до инциденти во законодавниот дом. Опозицијата и натаму останува на ставот дека за настаните единствен виновник е власта. 

- На денешниов 24-ти Декември минатата година Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ со примена на бруталност и насилство невидени и незапаметени во поновата демократска европска историја, го дефинираа режимското владеење во Македонија. Легитимно избраните пратеници на опозицијата што го претставуваат  гласот на речиси 400.000 граѓани во Собранието на  Република Македонија беа прегазени на своите работни места од партиско – полициските кордони на власта. Народни пратеници беа навредувани, влечени, малтретирани, тепани за на крај крвнички да бидат исфрлени од собраниската сала. Воедно, за прв пат во историјата на новинарската професија новинарите во Македонија беа отстранети од собраниската сала. Од своите работни места. На ист, вандалски начин како и пратениците. Власта покажа дека не поднесува сведоци и сведоштва за теророт. На тој мачен и мрачен 24-ти Декември, владејачкото мнозинство го суспендира Уставот, законите, институциите. Од храм на демократијата, парламентот го претвори во срам на македонската држава- рече Заев пред Собранието.

Иако СДСМ и натаму ја бојкотира Комисијата во Собранието која треба да ги спроведе препораките за 24 декември, Заев уверува дека настаните нема да се повторат.

- Соучесници се сите пратениците на власта. Личностите што врисокот и лелекот на нивните колеги во собраниската сала го проследија со аплаузи и воодушевување.Прекршувањето на Уставот и законот, директно од власта, е констатирано во заклучоците на работната група за настаните од 24 Декември. Со тоа, отворен е просторот виновниците да одговараат пред лицето на правдата за стореното дело. Кога тогаш. Во името на расипничкото владеење, овие црни македонски политички икони го згазија сопствениот народ. Со нелегалното гласање на минатогодишниот буџет го озаконија злосторот за да можат непречено да владеат и безобразно да се богатат. Со народни пари да купуваат човечки души и судбини и така да победуваат на криминални  избори. За нив е сеедно дали се парламентарни или локални. Битно е да се на власт. По секоја цена. На 24 Декември 2012-та година, системот  на Никола Груевски се обиде да и зададе уште еден, смртоносен удар на кревката македонска демократија. Да ја убие вистината. Да постои само вождот и неговиот режим. Ниту желбите ќе им се остварат,ниту режимот ќе опстане- рече Заев.

 

24.12.2013 - 12:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега