Државата ќе одвои 3,1 милиони денари за воведување ХАЛАЛ стандард кај 10 компании

 

Министерството за економија денеска информираше дека идната година ќе обезбеди околу 3,1 милиони денари за финансирање на 10 компании за имплементирање на ХАЛАЛ стандардот. 

Министерот за економија, Ваљон Сарачини, упати апел до сите заинтересирани компании кои сакаат да го зголемат нивниот извоз и да се обидат да настапат на трети пазари да се пријават на огласот во Министерството за економија, почнувајќи од 27 јануари, да ја соберат потребната документација и да добијат средства доволни за покривање на сите трошоци за имплементирање на ХАЛАЛ стандард.

Генералниот директор на Алкалоид Живко Мукаетов информира дека компанијата вовела ХАЛАЛ стандард во 2012 година и посочи дека ХАЛАЛ стандардот им помогнал да бидат поприсутни на арапските пазари.

- Годинава отворивме наша компанија во Истанбул, Турција идејата ни е да преку неа се позиционираме на арапските пазари. ХАЛАЛ сертификатот ни е посебно добродојден зашто со него ќе бидеме поконкурентни, рече Мукаетов и додаде дека ХАЛАЛ стандардот претставува и додатен мотив за консумација и на пазарите во ЕУ и САД.

Досега во Македонија има 11 компании кои го имаат имплементирано ХАЛАЛ стандардот, а четири компании се во процедура за воведување.

Досегашната стапка на пораст изнесува 40 отсто годишно, а за следната година се очекува да биде 50 проценти.

 

27.12.2013 - 13:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега