Tриесет и четири години од загинувањето на Сашко Гешовски
Денеска се навршуваат триесет и четири години од загинувањето на Сашко Гешовски, прва жртва при распадот на Југославијa, како припадник на ЈНА, потсетуваат утринава од Музеј галеријата во Кавадарци. Гешовски загина на шести мај 1991 година.
Гешовски беше роден во Кавадарци на 31 октомври 1971 година, основно и средно училиште завршил во родниот град.
- По завршување на средното образование заминал на отслужување на воениот рок во ЈНА во Сплит – Р. Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и смртно го погодил со 4 куршуми. Гешовски во критичниот момент бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит. Тој беше првата жртва во конфликтот што предизвика распад на Југославија во 1991 година. На 7 мај во Кавадарци се одржа протестен митинг, учествуваше речиси целото население од градот и околината, за да го искажат својот револт за смртта на својот сограѓанин. Палеа свеќи на градскиот плоштад во чест на Гешовски. Неговото тело со воен хеликоптер беше пренесено во родниот град. На погребот присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краишта на поранешна Југославија. Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост, споделуваат од Музејот.
Потсетуваат дека во воениот конфликт во 1991 година, покрај Гешовски, од Кавадарци загина и Петре Тодоровски, роден во 1971 година. Тодоровски загина како припадник на ЈНА на 26 јули 1991 година во касарната Љубљана – Поље, Р. Словенија. Својот млад живот го загуби како војник, додека бил на стража. Во овој конфликт загина и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Митрев загина како подофицер во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на касарната во Ѓаково.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа