Азир Алиу: Не сум тука да „поминам“, туку да оставам систем кој ќе функционира подобро
-Ајде да ја замислиме медицината без достигнувањата на инженерските науки, без дигитализација, без телемедицина, без биоинформатика и без автоматизација, и што ќе остане – лекари со стетоскопи, тоа ли го посакуваме за граѓаните во 21 век, вели Азир Алиу во интервју за Прес 24.
Алиу голем дел ќе посвети на реформи кои ќе значат интегриран задрсвствен систем. Тој го замислува како функционална целина, водена од менаџерски пристап.
-Здравствениот систем не може да се управува како збир на фрагментирани институции, потребен е менаџерски пристап што ги поврзува сите компоненти во функционална целина. Затоа, пристапувам кон здравството како систем кој мора да има јасна концепциска рамка, дефинирани приоритети, и управување засновано на податоци, капацитет и отчетност. Тоа е основа на секоја модерна, правична и одржлива реформа, вели за Прес 24 Алиу.
Во реформираниот здраствен систем на Алиу се враќа електронската картичка. Се надева дека овој пат таа ќе има функционалност.
-Во тој систем, секој граѓанин ќе има дигитална здравствена картичка, електронско досие достапно во реално време, и можност за безбедна комуникација со својот лекар преку мобилен или компјутер, вели Алиу.
Азир Алиу е еден од членовите на Алијанса за Албанците кои го остравија Таравари на половина пат. Вели дека тоа што искажал доверба во Владата, а не во Таравари не е лична пресметка, особено што доаѓа како замена на Таравари во здравството.
-Мојот избор за министер за здравство не е ниту лична, ниту политичка пресметка со било кого. Тоа е институционална одлука, донесена врз основа на потребата за нов пристап и нова енергија во еден од најважните ресори. Јас не се водам од политички суети, туку од отчетност пред граѓаните, особено пред мнозинството Албанци кои многу јасно ја изразија својата волја на последните избори, вели Азир Алиу, министер за здравство во интервју за Прес 24.
ПРЕС 24: Господине Алиу, здравствениот систем со години се соочува со хронични проблеми – недостиг од кадар, застарена опрема, коруптивни практики. Зошто мислите дека министерството под ваше раководство ќе успеа да донесе суштинска промена?
АЛИУ: Она што го прави ова Министерство поразлично не е само личноста на министерот, туку пристапот. Доаѓам од професионална средина која нема никаква поврзаност со тесните бизнис интереси кои со години го кроеле системот според свои приоритети. Тоа ми дава можност да го гледам системот од дистанца, рационално, инженерски – да го анализирам како функционална мрежа со свои јасни слабости и точки на прекин.
2 Мојата прва задача беше внимателно да ги идентификувам не само симптомите, туку и изворите на проблемите. Дали е тоа недостиг од кадар, нефункционална мрежа на болници, или недоволно јасни податоци за потрошувачка на лекови. Во тој процес, нема импровизации. Сè се темели на анализа и мерење. Затоа, веќе отпочнавме со изградба на Национална мапа на здравствени потреби, дигитална алатка што ќе овозможи планирање засновано на факти, а не на влијанија. Верувам дека системските промени се возможни само кога ќе го отстраните политичкиот шум и ќе ја вратите довербата во јавното здравство. Оваа визија ја градиме врз пет столба, а секој од нив е дигитално поддржан, транспарентен и мерлив. За првпат, ќе се знае точно каде се најдобрите резултати, кои директори управуваат ефикасно, каде недостига опрема, и кој центар има реална потреба од инвестиција. Тоа е крај со слепото финансирање и почеток на систем кој работи за граѓаните, а не за интересите.
Би нагласил дека ниту еден проблем што го затекнавме нема да биде третиран козметички. Секој проблем се решава преку процес. Не ветувам чуда, но ветувам дисциплина, отчетност и нови методи. Тоа е суштинската разлика.
ПРЕС 24: Генерално забелешките дека доаѓате од секотор кој нема допирни точки со здравството се издржани. На пример што мислите дека е најважно да се промени таму?
АИУ: Веќе во јавноста реков дека не доаѓам на функцијата за да оперирам срце. Но и не се сложувам дека доаѓам од сектор кој нема никакви професионални контакти со здравството. Тоа во јавноста го наметнаа некои политички опоненти, кои немајќи суштински аргументи и факти, прибегнаа кон овој тип на квалификации.
Ајде да ја замислиме медицината без достигнувањата на инженерските науки, без дигитализација, без телемедицина, без биоинформатика и без автоматизација, и што ќе остане – лекари со стетоскопи, тоа ли го посакуваме за граѓаните во 21 век. Доаѓам со комплетно поинаква перспектива која здравствениот систем го гледа како функционална, сложена, но менаџерска мрежа. Затоа, најважно нешто што треба да се промени е токму начинот на управување. Со анализа ќе ја заменам повеќе децениската инерција на системот, прецизните податоци ќе ги истиснат влијанијата, а логиката е таа која ќе го совлада хаосот. И тоа е промената – воведување на ред, мерливост и правичност во секој сегмент на здравствената услуга.
ПРЕС 24: Точно е дека идејата за подобрување на електронските услуги во здравството може би е ваша преност, но тоа е само еден дел од здравството?
АЛИУ: Да, точно е, дигитализацијата е мое природно поле и тука носам јасна визија. Но здравството не е технолошки проект. Тоа е жив систем, составен од луѓе, од професионалци, од пациенти. Ако сакаме да го реформираме, не ни треба само добра платформа, туку пред сè добра основа, а тоа се луѓето. Здравствениот систем не може да се управува како збир на фрагментирани институции, потребен е менаџерски пристап што ги поврзува сите компоненти во функционална целина. Затоа, пристапувам кон здравството како систем кој мора да има јасна концепциска рамка, дефинирани приоритети, и управување засновано на податоци, капацитет и отчетност. Тоа е основа на секоја модерна, правична и одржлива реформа. 3 Затоа мојата реформа не е еднодимензионална. Таа опфаќа и технологија, и организација, и човечки капитал. Паралелно со дигиталната трансформација, почнуваме темелна реформа во професионалниот развој, ќе инвестираме во обучени лекари, менаџерски компетентни директори и мотивирани медицински сестри кои ќе знаат дека се столб на системот.
Воведуваме стандардизирани патеки за напредок, програми за акредитација и обука, но и систем на признанија кој не зависи од волјата на министерот, туку од пациентите и колегите. Го градиме и регистарот на доктори во дијаспората, за да ја вратиме изгубената врска со луѓето кои ни недостигаат. Јас сум човек што верува во системи, но добар систем не значи само алгоритам и сервер. Добар систем значи лекар што не се плаши, сестра што не се чувствува невидлива и пациент што не се губи во лавиринт. Здравството ќе го дигитализираме, но пред сè ќе го хуманизираме. И овде нема компромис.
ПРЕС 24: Конкретно како според Вашата идеја треба да изгледа рефромираниот електронски истем во здравството?
АЛИУ: Мојата идеја за електронскиот здравствен систем не е само надградба на постоечките алатки, туку создавање единствен, интегриран, стандардизиран и безбеден систем, кој навистина ќе функционира како дигитален рбет на здравството. Постои добра основа, како што се апликацијата Мое здравје и платформата Мој Термин, но овие алатки се уште функционираат како изолирани модули, без системска интероперабилност и аналитичка функција. Нашата цел е да изградиме е-здравствен екосистем кој ќе ги поврзе сите нивоа: матичните лекари, болниците, аптеките, Фондот за здравство, лабораториите и пациентите, во еден стандарден протокол кој е безбеден, лесен за користење и подложен на анализа.
Во тој систем, секој граѓанин ќе има дигитална здравствена картичка, електронско досие достапно во реално време, и можност за безбедна комуникација со својот лекар преку мобилен или компјутер. Ќе се имплементираат меѓународно признати стандарди како SNOMED CT, HL7, CDA и IHE, за да обезбедиме интероперабилност и идно приклучување кон европската мрежа MyHealth@EU. Пред да ги направиме измените во електронскиот систем, ќе го побараме мислењето и од тие што го управуваат, здравствените работници, и од тие што го користат пациентите. Само така ќе создадеме решение кое не е наметнато од кабинет, туку е прифатено од сите. Но суштината не е само во технологијата, туку и во тоа што ваквиот систем овозможува поефикасно лекување, избегнување на дупли прегледи, намалување на злоупотреби и, што е најважно, отвореност на системот. Кога податоците се видливи и споредливи, тогаш имаме систем кој се подобрува, а не кој се правда.
ПРЕС 24: Каков е Вашиот став на пример за сегашниот модел на јавно здравство и соработката на државата со приватното здравство? Дали тој модел е добар, или пак е потребна негова промена, како на пример во други држави по принцип на ваучер систем, каде пациентите ќе можат да бираат дали и во која болница би се лекувале на товар на Фондот?
АЛИУ: Не постои идеален здравствен модел што може едноставно да се имплементира од некоја друга држава. Она што постои е здравствен систем кој мора да биде изграден врз реалните 4 потреби на граѓаните, а тие потреби не се еднакви во Скопје и во Дебар, во Гевгелија и во Кратово. Затоа прво ја градиме Националната мапа на здравствени потреби, документ кој ќе покаже каде недостигаат здравствени работници, опрема, специјалистички услуги или функционални болници. Врз основа на таа слика ќе се креира фер и одржлив модел на здравствени услуги. Во однос на соработката меѓу јавното и приватното здравство, да, таа треба да се унапредува. Но не на принципот на хаотични договори, туку со јасни правила, со јавно достапни критериуми и со фокус на интересот на пациентот.
Таму кде што системот не може сам да обезбеди услуга, треба да се обезбеди партнерство. Но партнерство што служи на јавниот интерес, не на приватниот профит. Концептот на ваучери, како што се применува во одредени европски земји, е модел што вреди да се анализира низ дебата и сериозна физибилити студија. Ако ваучерот значи дека пациентот ќе добие услуга побрзо, поквалитетно и без дополнителен трошок, тогаш тој модел заслужува внимание. Но aко значи само пренос на јавни средства кон приватни интереси без подобрување на системот, тогаш не е решение.
ПРЕС 24: Онкологија, набавка на лекови, клинички центар, недостаток на кадар, тендери... се тоа се жешките точки со кои од прв ден ќе се судрите. Каква визија имате за тоа?
АЛИУ: Она што го затекнав во здравствениот систем не е изненадување и не бегам од тоа. Но не приоѓам кон овие предизвици со резигнација, туку со методологија. Секоја од овие „жешки точки“, како што се онкологија, лекови, клиничкиот центар, кадарот, јавните набавки , претставуваат симптом на еден ист хроничен проблем: немање систем, или уште поточно систем кој функционира само кога ќе настане проблем. Тоа мора да се смени. Во срцето на мојата визија е градење здравство што не реагира, туку планира. Прво, го дигитализираме процесот на набавка, следење и дистрибуција на лекови. Модулот за ретки болести е само почеток.
Целта е едноставна, секој пациент да знае дали лекот е достапен, секој болнички фармацевт да знае со што располага, а министерството да нема ниту еден изговор ако нешто недостасува. Во онкологијата веќе дејствуваме во неколку насоки, децентрализација на терапијата, за да не зависи сè од една институција, нови центри во ГОБ 8 Септември, Битола, Штип, Тетово; доекипирање на патолошки лаборатории и зголемување на ПЕТ-скен капацитетите. Но уште поважно, имаме буџетска поддршка и организациска волја тоа да се реализира. Во делот на кадровскиот капацитет не станува збор само за вработувања, туку и за целосна промена на односот кон здравствените работници. Секој лекар и сестра треба да има сигурност, напредок и достоинство. Зголемувањето на платите, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува дури 6.200 денари, е дел од тоа. Но уште поважно е менаџерските и клиничките улоги ќе се разделат, а секоја болница ќе мора да има обучен менаџерски тим. Тоа е еден од темелите на одговорен систем.
Во однос на новиот Клинички центар, ние немаме повеќе време за губење. Веќе е активирана соработка со Обединетото Кралство, која ќе овозможи конечно да се постави финансиски, архитектонски и функционален план за здравствен комплекс кој одговара на 21 век, не на 20-ти век. 5 А кога станува збор за јавните набавки, ќе бидам најдиректен, дигитализацијата ќе ја користиме како заштитен механизам од корупција. Автоматизирани процедури, отворени податоци и реално време увид ќе го направат секој обид за манипулација лесно видлив и лесно санкциониран.
ПРЕС 24: Дали Вашиот избор за министер за здравство е и начин за пресметка со Арбен Таравари?
АЛИУ: Мојот избор за министер за здравство не е ниту лична, ниту политичка пресметка со било кого. Тоа е институционална одлука, донесена врз основа на потребата за нов пристап и нова енергија во еден од најважните ресори. Јас не се водам од политички суети, туку од отчетност пред граѓаните, особено пред мнозинството Албанци кои многу јасно ја изразија својата волја на последните избори. Не сум тука за да се осврнувам на минатото, туку за да работам за иднината.
Фокусот ми е здравствениот систем да го направиме поправеден, пофункционален и поефикасен, нешто што граѓаните одамна го очекуваат. Ако некој во тоа гледа пресметка, тогаш дозволете да биде тоа пресметка со неодговорноста, хаосот и корупцијата кои предолго беа оставени без контрола.
ПРЕС 24: Што се случува сега со Алијанса за Албанците. Вие и луѓето кои останаа во Владата на која политичка групација сега припаѓаат?
АЛИУ: Ние припаѓаме на групацијата на мнозинството Албански гласачи, кои на последните избори испратија јасна порака дека сакаат нови вредности, отчетност, дигнитет и модерна политика. Не сме тука за да се занимаваме со внатрепартиски поделби, туку да ја оправдаме довербата на тие луѓе. Времето ќе покаже кој останал доследен на принципите на Алијанса за Албанците, а кој ги жртвувал за краткорочни калкулации. Нашата определба е јасна, да служиме на граѓаните, а не на партиските интереси. Затоа остануваме во Владата, затоа преземаме одговорност, и затоа не бегаме од јавноста.
ПРЕС 24: Колку навистина функционира владината коалиција, и дали се чувствувате како рамноправен партнер или како функционер кој мора да прифаќа компромиси што не секогаш се во интерес на граѓаните?
АЛИУ: Владината коалиција функционира и ние сме активен, рамноправен и одговорен партнер во неа. Во секој демократски систем, коалициите се основа за стабилно управување и резултат на политичко договарање, но нашата улога не е декоративна. Секојдневно ја користиме таа улога за да отвораме теми што се важни за граѓаните, за реформи, за дигитализација, за фер здравство и силни институции. Не влеговме во Владата за да молчиме или за да прифаќаме автоматски одлуки. Влеговме за да влијаеме и да донесеме конкретни резултати. Компромисот не е слабост, туку инструмент за напредок се додека не ги загрозува вредностите. И за нас таа граница е јасна, нема компромис кога се работи за интересот на пациентите, за јавниот добробит или за моралната обврска на институциите.
ПРЕС 24: Одредени кругови ве гледаат како транзициска фигура во здравството – човек кој е тука „до следната ротација“. Ќе останете на оваа позиција, или за локалните избори ќе влезете во игра за локалната власт?
АЛИУ: Предизвикот што го прифатив е Министерството за здравство. Тука е мојот фокус, тука е мојата одговорност и тука е визијата што ја градиме, а која ги надминува рамките на локални избори или било какви ротации. 6 Имам план за процеси кои бараат време, истрајност и резултати.
Не сум тука да „поминам“, туку да оставам систем кој ќе функционира подобро од оној што го затекнав. Сè друго е шпекулација и дневна политика што не ме одвраќа од работата која граѓаните ја очекуваат и ќе ја добијат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа