Грчки екстремист се заканува со вооружени акции

Припадникот на екстремистичката левичарска организација „17 ноември“, Христодулос Ксирос, наводно се заканил со нови вооружени акции. Ксирос  на 7 јануари побегна од издржување на шестте доживотни затворски казни, во текот на одобреното новогодишно отсуство. Во 2003 година Ксирос беше осуден, заедно со уште двајца негови браќа, поради вмешаност во серија бомбашки напади и убиства.

Додека полицијата трага по избегнатиот екстремист, на еден интернет сајт денеска се појави снимка во која Ксирос чита подготвено соопштение, а најголем дел од него е посветен на економската криза во земјата и оние кои тој и смета за главни виновници за нејзиното појавување.

Тој осебно е огорчен на двете партии во владејачката коалиција - конзервативната Нова демократија и социјалистичкиот  ПАСОК, кои ги  обвинува за предавство, а чија цена, како што предупреди, е смрт.

- Ако повторно се сретнеме се ќе направите за да ме убиете, бидејќи ако повторно ме  заробите, јас пак ќе побегнам за да се борам против вас до крајот, вели екстремистот. Според него  Грција и другите европски земји станале колонии под „германска окупација“.

Организацијата „17 ноември“ е одговорна за серија убиства на истакнати Грци и странци од 1975 до 2000 година.

20.01.2014 - 17:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега