(ВИДЕО) Заев: Ако претседателските избори се фер сигурно ќе победиме

Ќе сториме сè што е во наша моќ како опозиција, да придонесеме во создавањето на услови за фер и демократски избори. Го дадовме нашиот придонес во политичкиот дијалог со власта за донесување на изборниот законик. Ако следните претседателски избори се чесни, фер и демократски, идниот претседател на Република Македонија ќе биде кандидатот за претседател предложен од СДСМ, рече на денешната прес-конференција претседателот на опозициската СДСМ. 

Според Заев, доколку се почитуваат промените во Изборниот законик, претстојните претседателски избори ќе поминат во фер и демократска атмосфера.

- Издржаните аргументи на СДСМ ја примораа власта да ги прифати клучните наши барања кои кореспондираат со препораките на ОБСЕ-ОДИХР. Сакам денеска да и соопштам на јавноста дека овој договорен текст преточен во законска регулатива нема да има посебно значење ако прецизно и дословно не се примени во пракса. Власта е на потег. Само целосна примена на овој закон може да гарантира услови за одржување на фер и демократски избори. Секое непочитување или заобиколување на законот ќе значи нефер, нечесни и недемократски избори. Претстојните претседателски избори ќе бидат тест за политичката волја на власта да ги почитува измените во Изборниот законик што беа усвоени во Собранието. Власта има обврска да обезбеди слободно изразување и почитување на волјата на граѓаните, рече Заев. 

Тој потсети дека новините во Изборниот законик предвидуваат казна затвор за „секој оној што ќе исплати социјална помош, субвенции, плати, пензии или било какви еднократни или едногодишни трансфери од буџетски средства или од било кои јавни фондови, од распишување на изборите до нивното завршување“.

- Сите буџетски исплати во текот на изборниот процес мора да бидат јавно објавувани во посебна база за буџетски трошоци. Со казна затвор од 6 месеци до една година ќе се соочи секој оној кој ќе организира јавен настап по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од буџетот, од јавните фондови или со средства на јавни претпријатијаИстото важи и за организирање на јавен настап по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти од средства на други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, училишта, градинки и други објекти. Не е дозволена ниту прес конференција за ваков вид на активност 40 дена пред денот на избори. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум, или одговор на новинарско прашање, вели Заев.

Тој потсети дека македонската Влада има обврска две недели по распишување на изборите, да поднесе предизборен финансиски извештај.

- Со казна затвор од најмалку 5 години ќе се казни и тој што со употреба на сила, сериозна закана, со искористување на службена, работна или економска зависност, и на друг начин, ќе издејствува некој друг да каже дали гласал или како гласал. Тој што со употреба на сила, сериозна закана, или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор од најмалку 3 години. Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок, или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор од најмалку 5 години. Со казна од 5 години затвор ќе се казни и лице со избирачко право кое ќе бара за себе подарок или друга корист за да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право. Значи, ако фатиме список од по 20 до 30 гласачи и докажеме дека за тоа постои службена наредба, лицата кои учествуваат во тоа ќе одговараат со казна затвор од 3 до 5 години. Сите граѓани кои се во странство, а кои не доставиле пријава во Државно конзуларно претставништво, ќе бидат запишани во посебен извод од избирачкиот список, вели првиот човек на СДСМ.

Заев смета дека овие новини, ќе овозможат однапред да се знае кои граѓани се во странство, а сепак се вратиле во Македонија да го искористат своето избирачко право.

- На овој начин се создава сериозна можност секој обид за манипулации со граѓаните кои се во странство да биде отстранет. Ограничени се донациите на политичките партии од сите правни субјекти вклучувајќи ги и донациите од медиумите до 50.000 евра. За време на изборната кампања МРТ е должна да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма. При тоа една третина од времето МРТВ треба да емитува за дневните настани од земјата и светот, една третина од времето за активностите од кампањата на политичките партии на власт и една третина од времето за активностите на политичките партии во опозиција. Бесплатно политичко претставување на телевизиските програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис треба да се емитува во период од 16 до 23 часот, вели Заев.  

Заев истакна дека на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на македонското Собрание, во времетраење од по 3 часа, треба да се емитува бесплатно политичко претставување на владејачките, но, и на опозициските политички партии.

- Советот за радио дифузија доколку утврди прекршување на одредбите за избалансирано покривање на изборите од страна на Јавниот радиодифузен сервис, ќе покрене предлог за покренување на постапка за разрешување на директорот на Јавниот сервис, рече Заев.

Тој истакна дека наместо спрејот и УВ ламбата како новина се воведува видливото мастило. Прашањето за гласањето на дијаспората и неопходниот процент на излезност, рече лидерот на СДСМ, е договорено да се реши пред парламентарните избори. За претседателските избори останува како што е и досега во законското решение.

-Ја информираме јавноста дека на последниот Извршен одбор СДСМ донесе одлука за формирање на посебен вид комисии кои ги нарековме Мониторинг комисии за практична реализација на изборниот законик. Во секоја општина, и на ниво на централа, ќе се формираат комисии од по најмалку тројца правници кои ќе имаат задача исклучиво да го надгледуваат практичното спроведување на изборниот законик и доколку е потребно да процесираат кривични пријави за прекршителите. Исто така, неопходно е, да се вложат напори за максимално можно прочистување на избирачкиот список во овој краток временски период до изборите, рече лидерот на најголемата опозициска партија, на денешната прес-конференција.

25.01.2014 - 15:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега