И Македонци се залагаат за Голема Албанија

Валентина Нестор е кандидатот за пратеник од редовите на Македонската алијанса за европска интеграција, која има големи шанси да стане првиот македонец во албанскиот Парламент на изборите закажани за 23 јуни, пишува Сител

Нестор, професорка на Тиранскиот универзитет на факултетот за странски јазици е кандидирана во округот Корча, каде македонската партија коалицира со Демократската партија на Премиерот Сали Бериша. Според очекувањата, за пратенички мандат на Нестор ќе и бидат потребни околу 3.500 гласови, односно многу помалку отколку при самостоен настап на партијата на парламентарните избори.

,,МАЕИ има историска шанса првпат во Албанскиот парламент да внесе на овие парламентарни избори Македонец за пратеник, кој се деклариа за Македонец и кој со досегашната работа и дејност ја промовирал македонската кауза во Албанија’’, вели генералниот секретар на МАЕИ Васил Стерјовски.

Доколку Нестор стане пратеничка, таа ќе биде само вториот деклариран етнички македонец кој станал пратеник во соседните држави на Македонија, по успехот на Миле Спировски од Демократската партија на Македонците во Србија, која на парламентарните избори настапи во коалиција со Српската напредна странка на Претседателот Томислав Николиќ.

Но, ова не е вистинската слика за учеството на етничките македонци во законодавната или извршната власт во соседството.

И досега во Албанскиот парламент имало Македонци, кои од страв или од привилегии одбивале јавно да ја истакнат својата етничка припадност.

,, Ние имаме во постоечкиот состав на Парламентот 4 пратеници кои по потекло се од Гора или Голо Брдо – Македонци. Но, тие Македонци со својата работа и со својата дејност ништо не покажале дека биле Македонци, туку напротив, дури дури биле и поголеми Албанци од самите Албанци. Некои дури се залагале и за Голема Албанија‘‘, тврди Стерјовски.

Меѓу таквите, според информациите на Сител, е и актуелниот министер за образование и потпретседател на Албанската Влада, Миќерем Тафај, кој потекнува од Голо Брдо. Извори од нашинците од Албанија за Сител велат дека неговата мајка не знае ниту збор албански, а тој наместо да се залага за правата на македонското малцинство, напротив прави штети, па дури и предничел во сузбивањето на курсевите по македонски јазик што се организирале во земјата.

Слична, но во истовреме и полоша е состојбата со политичарите македонци во Грција. Виножито во повеќе последователни изборни циклуси не може да се избори за пратеник Македонец, што не значи дека и во грчкиот парламент ги нема.

Неодамна медиумите објавија дел политичарите - македонците по потекло, кои одбиваат јавно да ја искажат својата етничка припадност од истите причини како и во Албанија.

Меѓу нив, најеклатантен беше примерот со политичкиот ветеран Филипос Пецалникос, грчки пратеник повеќе од 30 години и силен агитатор за грчкиот карактер на Македонците.

Пецалникос роден во селото Маврово, костурско, потекнува од фамилијата Печалников, на која грците по ист терк со останатите македонски имиња и смениле по некоја буква и станала Пецалникос.

Не помалку интересен е и заменикот на поранешната грчката шефица на дипломатијата Дора Бакојани, Стелиос Папатемилис кој потекнува од Македонска фамилија од солунско.

Во Бугарија примерите се уште подрастични. И таму сеуште трае битката за политичко организирање на етничките Македонци, а со тоа и претставување на својата заедница во институциите на државата.

најчитано сега