Болницата "Јасеново" е македонски Шварцвалд
Специјалната болница за белодробни заболувања и туберколоза „Јасеново“ крај Велес прерасна во здравствен центар во кој се лекуваат белодробните болести и срцевите заболувања. Како што пишува Утрински, во здравствениот центар доаѓаат пациенти не само од Велешко, туку и од Тиквешијата, Прилепско и Источна Македонија.
- „Даваме здравствени услуги на пациенти од Каменица, Злетово, од рударските краишта кои имаат здравствени проблеми како последица од нивната работа. Лани имавме 5.000 пациенти со амбулантски прегледи, што е за 25 отсто повеќе отколку во 2012 година, додека на болничко лекување имавме 1.100. Оваа бројка покажува дека имаме зголемен број болни, но и префрлање пациенти од една во друга здравствена установа. Тоа е резултат на нашата работа, бидејќи нудиме квалитетна, брза и успешна здравствена заштита базирана на модерни стандарди на дијагностицирање“, вели директорот д-р Гоце Бузалков, за Утрински.
Докторот додава дека 60 отсто од пациентите кои доаѓаат имаат белодробни болести, со срцеви заболувања се 30 отсто и 10 проценти имаат крвен притисок или мозочни удари.
- Даваме услуги за локалното население, кое живее во радиус од 30 километри, оти ова е единствена болница каде што доаѓаат итни случаи од сообраќајки. Лани имавме неколку случаи на каснувања од змии во текот на полски работи. За сите вакви случаи имаме и санитетско возило за итни интервенции со кое пациентите ги пренесуваме до Велес или во Скопје.
И пациентите имаат само пофални зборови за болницата, односот на вработените и негата кон нив. Тие ја нарекуваат болницата македонскиот Шварцвалд.
„Многу сме задоволни од приемот, од докторите, сестрите. Се' се завршува за неколку часа, со едно доаѓање, што е голема предност, нема одложување, нема откажувања. На други места оваа работа мораме да ја извршуваме за два-три дена, а тука е се' ефикасно во наш интерес“, вели пациент.
Инаку, болницата е изградена во 1948 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа