Учениците ќе се натпреваруваат со есеи на тема „Верувам во Македонија“

 

По повод одбележувањето на десет години од смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, Министерството за образование и наука на својата интернет страница www.mon.gov.mk, објави Конкурс за есеј на тема „Верувам во Македонија”, наменет за учениците од средните училишта во земјава.

Право на учество на Конкурсот, соопшти Министерството, имаат сите ученици од средните училишта на територијата на Република Македонија, а еден ученик може да испрати само еден индивидуален авторски труд, напишан на јазикот на кој ученикот ја следи наставата во училиштето. Есејот, како што се наведува, треба да биде оригинален, со силен израз и мисла која ја отсликува горенаведената тема на натпреварот и да не биде подолг од 500 зборови. Есеите кои не ги задоволуваат овие критериумите или се со непримерна содржина ќе бидат дисквалификувани.

На есејот треба да стои шифра и во посебен внатрешен плик означен со истата шифра да бидат доставени податоците за ученикот (име и презиме, година на образование, училиште, општина и контакт телефон), кој ќе биде отворен само по извршениот избор за наградените есеи. Есејот заедно со пликот со податоци за ученикот кој го напишал есејот треба да се достави во затворен плик со назнака: „За конкурс за есеј на тема - „Верувам во Македонија“.

Есеите потребно е да се пратат најдоцна до 10-ти февруари 2014 година, до Министерство за образование и наука на следната адреса:  ул. „Св.Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје.

За избор на најдобрите есеи, Министерството за образование и наука ќе формира комисија, пришто за избраните есеи на прво, второ и трето место ќе бидат доделени парични награди. Имињата на наградените ученици ќе бидат објавени на веб страницата на Министерството за образование и наука (www.mon.gov.mk), најдоцна до 20 февруари, а наградите ќе бидат  доделени во последната недела од февруари, стои во соопштението од Министерството.

28.01.2014 - 19:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега